Мачките важат за едни од најчистите домашни миленици, бидејќи најголемиот дел од хигиената ја одржуваат самостојно. Сепак, постојат ситуации кога помошта од сопственикот е неопходна – особено кај постарите животни, мачките со подвижни ограничувања или кога крзното ќе им се извалка со нешто што не можат сами да го отстранат.
Капењето на мачка може да биде вистински предизвик, бидејќи многу животни се плашат од вода и непознати звуци. Без соодветна подготовка, обидот за капење може да заврши со голем стрес, гребаници и хаос во бањата. Сепак, со неколку едноставни мерки, целата постапка може да помине многу полесно.
Пред да започнете со капењето, важно е да ја подготвите мачката. Доколку е можно, побарајте помош од уште едно лице на кое животното му верува. Така полесно ќе ја придржувате и ќе избегнете ненадејни движења.
Се препорачува и претходно да ѝ ги скратите ноктите за да го намалите ризикот од гребење. Крзното треба добро да се исчешла, а сите заплеткани делови да се отстранат пред да дојде во контакт со вода, бидејќи влажнењето може дополнително да ги затегне јазлите и да го отежне расчешлувањето.
Самата бања треба да биде подготвена пред да ја внесете мачката. Не ја пуштајте водата додека животното е во кадата, бидејќи звукот може дополнително да го исплаши. Наместо тоа, однапред наполнете малку млака вода и поставете пешкир на дното за мачката да има стабилна подлога и да не се лизга.
Подгответе и садови со чиста вода за плакнење. Користете исклучиво шампон наменет за мачки, бидејќи козметичките производи за луѓе или други животни може да содржат состојки што ја иритираат кожата или се штетни за миленикот.
За време на капењето, водата и шампонот нанесувајте ги внимателно, со мека крпа и нежни движења. Посебно внимавајте да не навлезат во очите, ушите или носот. Целото крзно треба темелно да се исплакне за да не останат траги од шампонот. Во текот на постапката разговарајте со мачката со смирен и тивок глас.
По завршувањето, завиткајте ја во чист пешкир и нежно впијте ја вишокот вода, без силно триење. Потоа оставете ја да се исуши во топла просторија, без провев. Кај мачките со долго крзно се препорачува внимателно чешлање додека се сушат, за да не се создадат нови заплеткани делови.
За мачките кои воопшто не поднесуваат вода, постојат и други начини за одржување на хигиената. Во продавниците за миленици може да се најдат суви шампони во форма на пена или прав, како и специјални влажни марамчиња наменети за мачки. Овие производи можат да бидат практична алтернатива кога класичното капење не е неопходно.
Посебно внимание е потребно кај малите мачиња, кои се почувствителни од возрасните животни и полесно ја губат телесната топлина. Доколку мора да се искапат, важно е да не им се навлажнува главата и веднаш по капењето да се исушат. Фен може да се користи само ако мачето го поднесува, на најниска температура и со безбедно растојание, за да не се исплаши или прегрее.
Експертите советуваат капењето да не се прави без потреба. Бидејќи мачките најчесто самостојно ја одржуваат хигиената, ваквата постапка треба да се применува кога навистина е неопходна, со што помалку стрес и максимална грижа за животното.

