Превенцијата, редовните здравствени контроли и навременото препознавање на ризиците беа во центарот на едукативната дискусија што се одржа во Кавадарци, во рамки на кампањата „Розов октомври“, посветена на подигање на свеста за ракот на дојка.
На настанот, организиран со посебен акцент на младите девојки и средношколките, се разговараше за значењето на информираноста и создавањето здрави навики уште од најрана возраст.
„Розевата панел-дискусија“ ја отворија градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и претседателот на Советот на Општината, д-р Стојанчо Рамов. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста на превенцијата, едукацијата и одговорниот однос кон сопственото здравје.
За различните аспекти на здравствената грижа говореа четири панелистки – специјалистот радиолог д-р Гордана Ѓорчева Камчева, гинекологот д-р Цветанка Гинева Ристовска, психијатарот д-р Весна Ризова и фитнес-инструкторката Моника Димовска.
Преку нивните стручни излагања беа отворени теми поврзани со превентивните прегледи, репродуктивното и менталното здравје, физичката активност и важноста од развивање здрав начин на живот.
Средношколките имаа можност непосредно да поставуваат прашања и да добијат одговори од стручните лица, со што се поттикна отворен разговор за теми кои сè уште често се проследени со предрасуди и табуа.
Пораката од настанот е дека грижата за здравјето започнува со навремена информираност, а едукацијата и превенцијата се важни чекори во борбата против ракот на дојка.

