Нов инцидент ја зголемува загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај во Ормускиот Теснец, откако танкер бил оштетен во напад со две експлозивни направи поставени на неговиот труп. Според информациите на Британската агенција за поморска трговија (UKMTO), пред нападот на бродот од левата страна му се приближил мал чамец.
Од агенцијата информираат дека сите членови на екипажот се безбедни, нема последици врз животната средина, а пожарот што избувнал по нападот бил изгаснат. И покрај оштетувањата, танкерот продолжил да плови кон следното пристаниште.
Инцидентот се случил на околу 25 наутички милји североисточно од оманскиот град Хасаб. Засега нема официјални информации за тоа кој стои зад нападот и кој бил мотивот за поставувањето на експлозивните направи.
Нападот се случува во период на зголемени безбедносни ризици во Ормускиот Теснец и неговата околина, каде што во последните месеци се регистрирани повеќе инциденти со трговски бродови. Тензиите се поврзуваат со конфликтот меѓу САД и Иран, кој започна во февруари.
Иран ги таргетира пловилата за кои тврди дека не ги почитуваат неговите ограничувања за поминување низ овој стратешки морски коридор. Техеран се обидува да ја зајакне контролата врз теснецот и да изврши дополнителен притисок врз Вашингтон.
Безбедносната состојба во регионот станува сè понестабилна, а нападите врз трговските бродови создаваат сериозни проблеми за меѓународната поморска трговија. Ормускиот Теснец е една од најважните светски транспортни рути за извоз на нафта, па секое нарушување на пловидбата може да има последици врз глобалното снабдување и енергетските пазари.

