По изборниот пораз и тајното заминување во САД, бразилскиот претседателски кандидат Флавио Болсонаро се соочува со сериозни критики, не само од политичките противници туку и од сопствените соработници. Причина се неговите недокажани тврдења дека претседателските избори биле наместени и дека вистинскиот победник всушност бил тој.
Претседателот на десничарската Либерална партија, Валдемар Коста Нето, јавно се дистанцираше од обвинувањата на Болсонаро, нагласувајќи дека партијата не го одобрила неговото отворено писмо.
„Никој не го одобри неговото писмо со обвинувања. Сакаме да ја придвижиме земјата напред“, изјави Коста Нето.
Тој откри и дека дури ни таткото на Флавио, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, не знаел за неговото заминување во САД. Жаир минатата година беше осуден на долга затворска казна поради обид за државен удар.
Флавио Болсонаро ги оспори резултатите по поразот од Луис Инасио Лула да Силва во вториот круг од изборите на 25 октомври. Во отворено писмо изборниот процес го нарече „одвратна измама“, а себеси се прогласи за вистинскиот и избран претседател на најголемата и економски најмоќната држава во Јужна Америка.
Подоцна ја промени формулацијата и се претстави како „лидер“ на Бразил, но не се откажа од обвинувањата. Досега, сепак, не понуди докази за наводната изборна измама. Изборната комисија ја потврди победата на Лула да Силва со 51,8 проценти од гласовите, наспроти 48,2 проценти за Болсонаро.
И други високи претставници од неговиот политички табор повикаа на прифаќање на изборниот исход. Поранешниот координатор на кампањата, Рожерио Марињо, ги отфрли тврдењата за нерегуларности.
„Партијата не може да изнесе такво тврдење, ниту можам јас, бидејќи за тоа нема докази“, изјави Марињо, иако истовремено нагласи дека Болсонаро останува една од најзначајните фигури на бразилската десница.
Сличен став зазеде и гувернерот на Сао Паоло, Тарсисио де Фреитас, кој важи за близок политички сојузник на Болсонаро. Тој порача дека изборните резултати мора да се почитуваат, без оглед на разочарувањето кај дел од гласачите.
Дополнителна контроверзија предизвика и заминувањето на Болсонаро во САД, и покрај судската забрана за напуштање на земјата, изречена во рамките на истрага за перење пари. Според објавените информации, тој со семејството ја напуштил земјата преку Аргентина, користејќи италијански пасош, а потоа преку Еквадор заминал за Мајами.
Случајот предизвика реакции и во Аргентина. Пратеничката Марсела Пагано поднесе кривична пријава против претседателот Хавиер Милеи, барајќи истрага за евентуално несовесно постапување со службената должност.
Аргентинската влада ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека Болсонаро влегол и ја напуштил земјата со уредна документација. Шефот на кабинетот, Диего Сантили, изјави дека немало прекршување на граничните процедури.
Претходно, Болсонаро не постапил ниту по наредбата на Врховниот суд на Бразил да го предаде пасошот во рок од 24 часа. Тој ги негира сите обвинувања и тврди дека е жртва на политички прогон.
Случајот дополнително ги продлабочува поделбите во бразилската десница, каде што дел од политичките сојузници очигледно се обидуваат да се дистанцираат од оспорувањето на изборните резултати и да го насочат вниманието кон идните политички активности.

