Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар предизвика сериозен инцидент на натпреварот меѓу Сантос и Баија, кој заврши нерешено 1:1 во 32. коло од бразилското првенство. Напаѓачот на Сантос доби директен црвен картон по конфликт со Родриго Нестор, а по исклучувањето дополнително ја вжешти ситуацијата, обидувајќи се да се доближи до противничкиот фудбалер. Со интервенција на останатите играчи беше спречен физичкиот судир.
Инцидентот започнал во 31. минута, кога Нестор направил прекршок врз Нејмар. Бразилецот реагирал нервозно и ја фрлил топката кон противникот, кој паднал на теренот. Нејмар потоа се обидел да го крене, но ситуацијата брзо прераснала во турканица меѓу фудбалерите на двата тима. Судијата Савио Переира Сампајо му покажал жолт картон на играчот на Сантос.
Нестор уште на полувремето, во разговор за „Спортв“, го обвинил Нејмар дека му упатувал навреди. Тој одбил да ги открие точните зборови, но оценил дека однесувањето на бразилската ѕвезда било непочитување кон него и кон дресот на Баија.
„Тој знае што ми кажа. Тоа беше големо непочитување кон мене и кон клубот. Како фудбалер, тој е идол за многумина, но денес потфрли како човек. Не би кажал такво нешто. Не сакам да ги повторувам неговите зборови, бидејќи ова го гледаат и деца“, изјавил Нестор.
Напнатоста продолжила и пред почетокот на второто полувреме. Нејмар повторно му пришол на противникот, а за време на разговорот ја ставил раката пред устата. Фудбалерот на Баија веднаш реагирал кај судијата, кој по прегледувањето на снимката со помош на ВАР му покажал директен црвен картон на Нејмар.
Одлуката беше поврзана со правилото што во Бразил се применува за спречување навреди и расистички испади на теренот, познато како правило „Винисиус Жуниор“. Тоа предвидува санкции во ситуации кога играч намерно ја покрива устата за да ги прикрие зборовите што му ги упатува на противникот.
По исклучувањето, Нејмар тешко ја прифатил одлуката и не сакал веднаш да го напушти теренот. Потоа тргнал кон Нестор, но останатите фудбалери застанале меѓу нив и спречиле ситуацијата да прерасне во физичка пресметка. Поради инцидентот, паузата меѓу двете полувремиња траела повеќе од 25 минути.
По натпреварот, Нејмар ја изнел својата верзија на настаните. Тој признал дека направил грешка со покривањето на устата, но тврдел дека противникот пребрзо реагирал и дека не успеал ниту да му каже нешто пред Нестор да побара интервенција од судијата.
„Погрешив што ја ставив раката пред устата, но сè уште немав ништо кажано, а тој веќе ја крена раката. Тоа е најголемата подлост во фудбалот. Но, уште ќе го фатам“, изјавил Нејмар.
Подоцна, преку социјалните мрежи, им се извинил на навивачите на Сантос и признал дека исклучувањето било оправдано поради неговиот потег. Сепак, го обвинил Нестор дека го искористил правилото наменето за борба против расизмот за да му донесе предност на својот тим.
Нејмар тврдел дека меѓусебните провокации се дел од фудбалот, но дека во овој случај противникот намерно ја искористил ситуацијата. Нестор, пак, претходно инсистирал дека бил навредуван и дека однесувањето на бразилската ѕвезда било неприфатливо.
Поради црвениот картон и третиот жолт картон, Нејмар ќе ги пропушти следните два натпревара на Сантос, против Палмеирас и Ред Бул Брагантино.
Натпреварот заврши 1:1. Баија поведе со голот на Лучијано Жуба, додека Сантос избегна пораз благодарение на погодокот на Луан Перес во судиското продолжение.

