HomeГЛОБУСНОРВЕШКИОТ ПРЕМИЕР РАЗГОВАРАЛ СО ПУТИН

НОРВЕШКИОТ ПРЕМИЕР РАЗГОВАРАЛ СО ПУТИН

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере го објасни телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, во кој учествувал и финскиот претседател Александер Стуб. Целта, според него, била рускиот лидер да ги слушне и ставовите на Европа за војната во Украина, а не само позициите на САД.

Разговорот траел 90 минути и претставува отстапување од долгогодишната практика на дел од западноевропските лидери да избегнуваат директни контакти со Кремљ. Потегот на Стере и Стуб предизвикал критики и кај некои сојузници, меѓу кои и данската премиерка Мете Фредериксен.

Контактот се случил во период кога се очекуваат нови директни преговори меѓу украински и руски претставници, кои, според доставените информации, треба да се одржат следниот месец во Абу Даби.

„Стуб и јас бевме насочени кон иднината и кон она што мора да се направи за оваа војна да не продолжи бесконечно, со месеци, и да однесе уште човечки животи. Колку подолго трае, толку потешко станува да се најде решение“, изјави Стере за норвешкиот јавен радиодифузен сервис НРК.

Норвешкиот премиер нагласи дека не очекува Путин веднаш да го промени својот став, но смета дека директниот разговор бил можност јасно да му се пренесат европските позиции.

„Не мислам дека Путин ќе го промени мислењето, но доби можност многу јасно да го слушне нашиот став. Загрижен сум дека некои од тие пораки не стигнуваат до него кога со него разговараат Американците“, рече Стере.

Тој посочи дека Норвешка сака да придонесе за намалување на тензиите. Меѓу можните чекори ги наведе запирањето на нападите врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина, прекинот на нападите врз бродовите што превезуваат украинско жито, како и размената на воени заробеници.

Едно од клучните прашања останува дали може да се постигне мир без Украина да се откаже од своите територии. Стере потсети дека Русија во моментов контролира речиси 20 проценти од украинската територија.

„Украина никогаш нема да потпише договор со кој би признала дека ја изгубила својата територија. Но, прашањето е дали може да ја прифати постојната линија на фронтот како реалност и како почетна точка за преговори“, објасни норвешкиот премиер.

Според него, од особена важност е какви безбедносни гаранции ќе добие Украина по евентуалното склучување мировен договор. Тој оцени дека ова прашање е клучно и дека неговото значење го препознава и рускиот претседател.

Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека разговорот не донел ништо ново во врска со војната во Украина. Тој ги обвини европските земји дека се обидуваат да обезбедат место во идните преговори, додека прашањето за безбедносните гаранции за Украина и понатаму останува една од главните пречки за постигнување договор.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО