HomeСПОРТРУСИЈА ДОБИВА ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА ВРАЌАЊЕ НА СВЕТСКИТЕ ХОКЕАРСКИ ПРВЕНСТВА

РУСИЈА ДОБИВА ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА ВРАЌАЊЕ НА СВЕТСКИТЕ ХОКЕАРСКИ ПРВЕНСТВА

Русија би можела да се врати на меѓународната хокеарска сцена веќе следната година, откако Спортскиот арбитражен суд (CAS) донесе одлука во нејзина корист и ѝ наложи на Меѓународната хокеарска федерација (IIHF) да овозможи повторно учество на руските репрезентации на меѓународните натпреварувања.

Со оваа одлука се отвора можноста петкратниот светски шампион повторно да настапи на светските првенства во хокеј на мраз, првпат по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Руските репрезентации беа исклучени од натпреварувањата под покровителство на IIHF во февруари 2022 година, по почетокот на војната во Украина. Забраната беше во сила повеќе од четири години, но CAS сега ги поништи одлуките со кои на Русија ѝ беше оневозможен настап во сезоната 2026/2027.

Одлуката се однесува на пет светски првенства што треба да се одржат во 2027 година. Меѓу нив се и сениорскиот шампионат во Германија и јуниорското првенство во Канада. Информацијата прв ја соопшти рускиот министер за спорт Михаил Дегтјарев, кој тврди дека судот ги прифатил клучните барања на Рускиот хокеарски сојуз.

Од Меѓународната хокеарска федерација потврдија дека ќе ја почитуваат судската одлука, но не го криеја незадоволството од ваквиот исход. Оттаму сметаат дека забраната била неопходна за заштита на безбедноста на учесниците и зачувување на интегритетот на натпреварувањата.

Сепак, спроведувањето на одлуката може да предизвика сериозни организациски проблеми, бидејќи подготовките за дел од првенствата веќе се во напредна фаза. Евентуалното враќање на руските селекции би можело да наложи промени во распоредите, организацијата и безбедносните протоколи.

Сè уште не се разјаснети сите услови под кои Русија би се вратила на меѓународната сцена. CAS не донел посебна одлука дали руските спортисти ќе настапуваат под националното знаме и со државните симболи или ќе мора да се натпреваруваат како неутрални спортисти.

Русија, поради суспензијата, го пропушти и овогодинешниот олимписки хокеарски турнир. Сега судската одлука ѝ ја отвора вратата за враќање на светските првенства, но останува да се види како меѓународната федерација ќе ја спроведе пресудата и какви последици ќе има тоа врз идните натпреварувања.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО