Совршено кремастото пире од компири изгледа едноставно за подготовка, но една мала грешка може да направи наместо мазен прилог да добиете леплива смеса или пире со грутки. Покрај начинот на готвење, постои и еден необичен трик – во водата во која се вари компирот да се додаде малку оцет.
Оцетот не се додава за да му даде вкус на пирето, туку за време на варењето компирот подобро да ја задржи структурата. Киселоста на водата може да помогне надворешниот дел од компирот да не се распадне премногу брзо, додека внатрешноста сè уште се вари.
За околу еден килограм компири и два литри вода доволна е приближно една лажица бел оцет. По варењето и добро цедење, вкусот на оцетот не би требало да се чувствува. Ако немате бел оцет, може да се употреби и мала количина лимонов сок.
Компирите најдобро е да се исечат на приближно еднакви, но не премногу ситни парчиња. Така ќе се сварат рамномерно и нема да впијат непотребно количество вода.
Кога ќе омекнат доволно за вилушката лесно да поминува низ нив, треба веднаш да се исцедат. Добар дополнителен чекор е компирот кратко да се врати во топлиот сад, без вода, за да испари преостанатата влага.
Потоа компирите треба да се изгмечат додека се уште се топли. Путерот, млекото или павлаката што ќе ги додадете исто така треба да бидат загреани. Течноста додавајте ја постепено, бидејќи така полесно ќе ја погодите густината што ја сакате.
Една од најчестите грешки е предолго мешање на пирето. Откако ќе стане мазно и ќе исчезнат грутките, нема потреба од дополнително матење. Прекумерната обработка може да ослободи повеќе скроб и да направи пирето да стане лепливо и гумено.
И изборот на алатка е важен. Класична гмечалка или преса за компири се подобар избор од блендер или миксер. Иако тие можат да направат исклучително мазна смеса, со премногу обработка лесно се добива непосакувана леплива текстура.
Значи, ако сакате воздушесто и кремасто пире, оцетот може да биде интересен мал трик, но не е единствената тајна. Најважни се рамномерното варење, доброто цедење, гмечењето додека компирот е топол и внимателното додавање на топлите состојки.

