Нов пад на цените на дизелот и бензинот се очекува следната недела, најави премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на актуелните движења на светските берзи. Паралелно, Владата разговара со „Окта“ за можноста да се обезбеди дополнително намалување на цената на горивата.
Мицкоски оцени дека земјата во моментов располага со доволно енергенси и е подготвена за претстојната грејна сезона. Тој посочи дека ремонтите во РЕК „Битола“ и „Осломеј“ се при крај, со очекување активностите да бидат завршени до крајот на месецот.
Според неговите информации, хидроакумулациите и расположливиот хидропотенцијал моментално се на околу 40 проценти. Очекувањата се дека со есенските и зимските врнежи водните ресурси ќе се зголемат до меѓу 80 и 85 проценти, со што би се обезбедиле подобри услови за следната сезона.
Кога станува збор за цените на горивата, премиерот очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за ново намалување. Владата во исто време води разговори со „Окта“ за дополнителен попуст.
Мицкоски посочи дека стабилното снабдување со горива е обезбедено најмалку до Нова година и дека државата во моментов нема проблем со резервите, за разлика од некои земји кои интервенираат со користење на државните резерви.
Пониските цени на горивата, сепак, имаат влијание врз буџетските приходи. Премиерот најави дека до крајот на октомври ќе биде потребен нов ребаланс, бидејќи намалените акцизи и ДДВ создаваат значителна разлика во планираните приходи.
Според проценките што ги презентираше, само кај акцизите би можел да има недостиг од околу пет милијарди денари, додека со вклучување на ДДВ ефектот би достигнал меѓу седум и осум милијарди денари.
Како дополнителен предизвик за зимските месеци Мицкоски го посочи загадувањето на воздухот, особено поради употребата на нееколошки горива за затоплување. Во Скопје, пак, се очекува санацијата на топловодната мрежа да придонесе за значително намалување на загубите на вода.
Премиерот се осврна и на можноста за проширување на периодот со дневна евтина тарифа на електричната енергија, при што порача дека Владата ќе ги поддржи мерките што би значеле директна корист за граѓаните.

