HomeМКДЕкономијаСОБРАНИЕТО ЌЕ ОТВОРА НАДЗОРНА РАСПРАВА ЗА АЛТА БАНКА

СОБРАНИЕТО ЌЕ ОТВОРА НАДЗОРНА РАСПРАВА ЗА АЛТА БАНКА

Случајот со Алта банка АД Битола ќе биде предмет на собраниска надзорна расправа, откако Комисијата за финансирање и буџет ја прифати иницијативата на пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Расправата треба да ги утврди причините за воведувањето администрација во банката, постапувањето на Народната банка и одговорноста на надлежните институции.

На денешната седница беше усвоен и заклучок во најкраток можен рок да се одржи координација со членовите и замениците на Комисијата. На тој состанок треба да бидат договорени датумот, времетраењето и лицата што ќе бидат повикани да сведочат на надзорната расправа.

Меѓу пратениците се отвори несогласување околу формулацијата на темата. Првичниот предлог на СДСМ содржел и оценка за „измама на граѓаните“, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа тој дел да биде отстранет, со образложение дека таков заклучок не може да се донесе однапред.

Пратеничката Дафина Стојаноска посочи дека Собранието не е судска институција за однапред да утврдува дали станува збор за измама и најави поддршка за расправата доколку спорната формулација биде избришана.

Сличен став изнесе и пратеникот Бојан Стојаноски, кој направи разлика меѓу случајот со Алта банка и стечајот на „Евростандард банка“. Според него, за разлика од претходниот случај, во врска со Алта банка нема судски постапки и обвинение, поради што предложи темата да се задржи на причините за воведувањето администрација, улогата на Народната банка и институционалната одговорност.

Од СДСМ прифатија да се разговара за усогласување на насловот. Пратеникот Оливер Спасовски потсети дека првичната формулација била преземена од претходна иницијатива за надзорна расправа за „Евростандард банка“, но нагласи дека е подготвен веднаш да се постигне договор за прифатлив текст.

Спасовски побара и постапката да не се одолговлекува, посочувајќи дека прашањето има пошироки последици за граѓаните, вработените и пензионерите, вклучително и за исплатата на нивните примања.

На истата седница Комисијата даде поддршка и за два законски предлога, кои ќе продолжат во собраниска процедура. Станува збор за измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и измените на Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Поддршка, пак, не доби Предлог-законот за семејна и станбена поддршка, поднесен од Левица, во прво читање.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО