HomeГЛОБУСШПАНИЈА ЌЕ ИСТРАЖУВА НАВОДИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА МИГРАНТИ ВО ЦЕУТА

ШПАНИЈА ЌЕ ИСТРАЖУВА НАВОДИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА МИГРАНТИ ВО ЦЕУТА

Шпанските власти отворија истрага по сериозните наводи за насилство врз мигранти во Цеута, откако „Амнести интернешнл“ објави извештај со повеќе сведоштва за физички напади, понижување и присилни протерувања. Министерството за одбрана случајот го проследило до обвинителството и судот во Цеута и наредило проверка на евентуалната индивидуална одговорност на припадници на вооружените сили.

Еден од најтешките случаи опишан во извештајот е на мигрант кој сега користи инвалидска количка и има сериозни повреди на глуждовите, рацете и телото. Тој тврди дека бил турнат од војници од височина поголема од шест метри. Според неговото сведоштво, по повредувањето не му била направена ниту рендгенска снимка, туку добил само итна медицинска помош.

Истражувањето на „Амнести интернешнл“ било спроведено од 10 до 15 септември. Организацијата разговарала со повеќе од 65 мигранти и баратели на азил, а собрала 22 директни сведоштва во кои се споменуваат наводни тепања, закани, навреди, понижување, одземање пари и оштетување или одземање мобилни телефони.

Според организацијата, дел од сведоштвата укажуваат на сличен начин на постапување, особено во случаи во кои биле вклучени припадници на единиците „Регуларес“ и Легијата. Мигранти раскажувале дека биле удирани со палки и чизми, врзувани со пластични стеги и тепани додека биле беспомошни.

„Амнести“ наведува и дека добила пристап до видеоматеријали кои, според организацијата, прикажуваат случаи на употреба на сила и ноќни операции. Во дел од сведоштвата се тврди дека мигранти биле прскани со иритантен спреј и потоа враќани преку оградата кај Тарахал во Мароко.

Меѓу документираните случаи е и оној на државјанин на Јемен кој тврди дека бил вратен во Мароко и покрај тоа што сакал да побара меѓународна заштита. Според „Амнести“, тој бил одведен со група други лица до границата и предаден на мароканските власти.

Организацијата во својот извештај посочува и на пошироки проблеми со односот кон мигрантите во Цеута. Според сведоштва собрани за време на истрагата, имало случаи на идентификување, вознемирување и ограничување на движењето на лица за кои се сметало дека се со мароканско потекло.

Особено внимание е посветено на малолетниците без придружба и на жените кои се наоѓаат без соодветно сместување. „Амнести интернешнл“ предупредува дека дел од децата и жените живеат на улица или во импровизирани услови, без соодветна заштита и основни санитарни услови.

Организацијата побара од шпанските власти да спроведат независна и темелна истрага за сите пријавени случаи. Побарано е и лицата за кои постојат сомневања дека учествувале во насилство привремено да бидат отстранети од должност додека трае проверката.

Шпанското Министерство за одбрана потврди дека случајот е проследен до надлежните обвинителски и судски органи, додека военото раководство добило задача да ги утврди евентуалните индивидуални одговорности.

„Амнести интернешнл“ истовремено признава дека ситуацијата во Цеута е сложена и дека повеќе од 30 мигранти биле уапсени поради наводни напади врз војници. Организацијата, сепак, нагласува дека без оглед на околностите, припадниците на државните институции се должни да ги почитуваат законите и основните човекови права.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО