Дигитализацијата на бесплатниот јавен превоз во Скопје отвори нова дилема откако директорот на ЈСП Скопје, Саше Илиевски, на седница на Советот на Град Скопје посочи дека во првата фаза дигитален пас ќе добијат средношколците, додека студентите ќе бидат опфатени подоцна.
Според измените на Одлуката за интегриран тарифен систем, почетокот на дигитализацијата е предвиден со учениците од прва година во средните училишта, кои освен постојните персонализирани пластични картички ќе можат да користат и дигитален билет преку мобилна апликација.
Планот е примената постепено да се проширува и на учениците од втора, трета и четврта година, кои веќе поседуваат персонализирани електронски картички.
Дигиталниот пас ќе биде поврзан со конкретен корисник и ќе содржи QR-код за валидација при користење на превозот. Од ЈСП очекуваат со ова да се намалат потребата од посети на билетарниците, административните процедури и замената на физичките картички.
Илиевски на седницата објаснил дека целта е учениците да не мора постојано да ја носат пластичната картичка, бидејќи дигиталниот пас ќе им биде достапен преку телефонот.
„Сега ги дигитализираме нив, а во следна фаза ќе влезат и студентите. Целата постапка мора да оди чекор по чекор“, изјавил директорот на ЈСП.
Токму оваа изјава отвора прашања, бидејќи само неколку дена претходно од ЈСП беше објавено дека започнува воведувањето на дигитална студентска превозна картичка за студентите на државните универзитети.
Според претходно најавениот модел, студентите требаше да го активираат дигиталниот превозен документ преку мобилната апликација „Скопје бус“, без доставување хартиени потврди и без потреба од одење на билетарница. Податоците за студентскиот статус требаше да се синхронизираат електронски меѓу ЈСП и универзитетите.
Оттука, останува нејасно дали студентската дигитална картичка веќе се воведува, како што беше претходно соопштено, или нејзината примена сепак е оставена за следна фаза, како што сега посочи директорот на ЈСП.
Советниците на седницата побарале дополнителни објаснувања и за заштитата на личните податоци на учениците, како и за тоа дали ќе постои алтернатива за оние кои нема да го користат дигиталниот пас.
Според усвоените измени, системот ќе бележи податоци поврзани со користењето на превозниот документ – времето и датумот на валидација, возилото, линијата, насоката и други информации потребни за функционирање на системот, согласно правилата за заштита на личните податоци.
Дигиталниот пас нема да важи неограничено. Ќе биде активен само во периодот во кој корисникот има право на бесплатен или повластен превоз, а може да биде деактивиран доколку истече рокот, престанат условите за користење или биде утврдена неправилна или неовластена употреба.
ЈСП исто така ќе има можност да блокира електронски картички и дигитални пасови, односно да ги стави на листа на неважечки документи, доколку се користат спротивно на правилата.
На седницата беше отворено и прашањето зошто студентите не се наведени во измените на одлуката, ако веќе е најавено нивно вклучување во системот.
Така, наместо само техничка новина, дигитализацијата на бесплатниот јавен превоз во моментов отвора и прашање за усогласеноста на официјалните најави на ЈСП. Дали студентите веќе се дел од дигиталниот систем или нивното вклучување навистина ќе следува во наредна фаза, останува да биде дополнително разјаснето од ЈСП и Град Скопје.

