Српскиот тенисер доживеа физички проблеми на турнирот во Синсинати, а по мечот откри дека со години се соочува со здравствена состојба која особено му создава проблеми во жешки и влажни услови
Новак Ѓоковиќ доживеа неочекуван пораз на турнирот во Синсинати, а по мечот откри дека зад неговите физички проблеми стои здравствена состојба со која се соочува веќе неколку години.
Ѓоковиќ одлично го започна натпреварот против Аргентинецот Тијаго Агустин Тиранте и го освои првиот сет со 6-2. Сепак, потоа следуваше голем физички пад, па Тиранте ги освои следните два сета со 6-4, 6-4 и приреди големо изненадување.
Во текот на мечот Ѓоковиќ побара медицинска пауза, а во еден момент беше забележано и како се мачи поради физичката исцрпеност. Условите во Синсинати беа исклучително топли и влажни, што дополнително му ги отежна проблемите.
По мечот, 39-годишниот тенисер за првпат јавно откри дека станува збор за здравствен проблем кој го мачи подолг период.
„Тоа е здравствен проблем со кој се справувам веќе неколку години. Ми создава многу проблеми, особено кога има голема влажност и топлина“, изјави Ѓоковиќ.
Србинот не откри за каква конкретна здравствена состојба станува збор, но нагласи дека условите во Синсинати не биле единствената причина за неговиот пад во играта.
По поразот, Ѓоковиќ остави и одредена неизвесност околу своето враќање на турнирот во Синсинати, што дополнително ги засили прашањата за неговата физичка подготвеност во финишот од кариерата.
Сепак, неговиот главен фокус останува на најголемите турнири. По настапот на Вимблдон, каде што стигна до полуфиналето, Ѓоковиќ сега треба да се подготвува за УС Опен, кој започнува на 30 август.
Во меѓувреме, во јавноста повторно се актуелизира и прашањето за неговата иднина. Ѓоковиќ во најново интервју зборуваше за завршницата на кариерата и посочи дека би сакал да игра до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.

