HomeГЛОБУСЈУЖНА КОРЕЈА ГИ ПРОШИРУВА ПОМОРСКИТЕ ПАТРОЛИ КОН ОМАН

ЈУЖНА КОРЕЈА ГИ ПРОШИРУВА ПОМОРСКИТЕ ПАТРОЛИ КОН ОМАН

Јужна Кореја планира да го прошири опсегот на своите поморски патроли против пиратството, од Аденскиот Залив кон водите во близина на Оман. Одлуката доаѓа по зголемувањето на пиратските напади долж сомалискиот брег, но властите во Сеул нагласуваат дека операцијата нема да навлегува во зоната на воениот конфликт со Иран.

Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека во регионот ќе биде испратен и патролен авион, чија задача ќе биде да придонесе за безбедноста на трговските бродови. Мисијата ќе ја спроведува поморската единица „Чонгхе“, која од 2009 година учествува во заштитата на комерцијалниот поморски сообраќај во близина на Сомалија.

Со новиот план, нејзиното оперативно подрачје ќе биде проширено до водите кај Дукм, пристаниште во Оман оддалечено околу 650 километри од Ормускиот Теснец. Патролите нема да се изведуваат во самиот теснец, а единицата и понатаму ќе остане под директна команда на Јужна Кореја.

Причина за засилувањето на активностите е значителниот пораст на пиратските инциденти. Според податоците на јужнокорејското Министерство за одбрана, годинава долж сомалискиот брег се регистрирани 36 случаи, наспроти 11 во текот на целата 2025 година. Во Сеул сметаат дека пиратите го прошириле дејствувањето кон Оман поради пренасочувањето на дел од меѓународните поморски сили кон Црвеното Море и Ормускиот Теснец.

Покрај патролниот авион „П-8А Посејдон“, во мисијата се предвидува учество и на специјален тим за отстранување експлозивни направи, како и беспилотни летала наменети за противмински операции. Бројот на припадници на единицата треба да се зголеми од 320 на 395 лица.

Постојниот мандат на мисијата истекува на 31 декември. Предлогот веќе добил поддршка од замениците на министрите, а следната недела треба да биде разгледан од владата. Доколку добие одобрение и од претседателот Ли Џе-мјунг, за продолжување на операцијата до крајот на 2027 година ќе одлучува и парламентот.

Зголемениот ангажман има и значајна економска позадина. Во текот на 2025 година, околу 70 проценти од потребите на Јужна Кореја за нафта биле покривани со увоз од Блискиот Исток, при што најголемиот дел од испораките минувале низ Ормускиот Теснец.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го критикуваше Сеул поради, според него, недоволната поддршка во конфликтот со Иран. Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг, пак, порача дека неговата земја има обврска да ги заштити своите граѓани, трговските бродови и снабдувањето со нафта, но не сака да презема чекори што би можеле да ја вовлечат во војната.

Сеул во меѓувреме изразил поддршка за иницијативата предводена од Велика Британија и Франција за заштита на трговските бродови и отстранување мини во Ормускиот Теснец, кога безбедносните услови ќе го дозволат тоа.

Од јужнокорејското Министерство за одбрана посочуваат дека опремата за деминирање во оманските води ќе им овозможи на нивните екипажи да стекнат дополнително искуство. Сепак, евентуално вклучување во операции во самиот Ормуски Теснец би било можно дури по завршување на војната или постигнување договор меѓу Вашингтон и Техеран со кој ќе се гарантира безбедноста на екипажите.

За распоредување јужнокорејски сили во самиот теснец ќе биде потребна и согласност од парламентот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО