Животинските дезени веќе подолго време се меѓу најзастапените модни трендови, но оваа сезона вниманието го привлекува еден малку поинаков и неочекуван мотив. По леопардскиот, зебра и кравјиот принт, на модната сцена сè поголема популарност добива таканаречениот „Бамби“ дезен, инспириран од карактеристичните бели точки на крзното на млад елен.
Откако претходно се наметна како интересен избор во светот на маникирот, овој препознатлив принт сега сè почесто се појавува и на облеката и модните додатоци. Неговиот подем го потврдува и новата колекција на модниот бренд „Манго“, во која се најде впечатлива јакна со овој дезен, која веќе привлекува внимание на социјалните мрежи.
Она што го прави овој модел посебен е комбинацијата на необичен принт и класична форма. Меката, влакнеста текстура ѝ дава впечатлив изглед, додека едноставниот крој овозможува лесно вклопување во различни модни комбинации.
Јакната може да биде централен дел од есенскиот стајлинг, а за оние кои сакаат комплетиран изглед, во понудата се наоѓа и здолниште со идентичен дезен.
Моделот чини 79,99 евра и, според достапните информации, моментално може да се најде во повеќето конфекциски броеви.
Со тоа „Бамби“ принтот се наметнува како една од поинтересните модни тенденции за оваа сезона, нудејќи поинаков начин за внесување животински мотиви во секојдневниот стил.

