Необична судиска одлука го одбележа дуелот меѓу Вилјареал и Наполи во Лигата на шампионите, во кој шпанскиот тим славеше со 3:1. Домашната екипа во еден момент мораше да продолжи да игра со само девет фудбалери, иако ниту еден не беше исклучен од игра.
Ситуацијата се случи во 63. минута, кога тренерот на Вилјареал, Марселино, побара две истовремени замени. Жерар Морено и Жорж Микаутадзе требаше да ги напуштат теренот, а на нивно место да влезат Алекс Фримен и Тани Олувасеји.
Но, германскиот судија Даниел Зиберт процени дека фудбалерите што излегуваа го одолговлекувале напуштањето на играта. Поради правилото против намерното губење време, резервните играчи мораа да почекаат најмалку една минута пред да добијат дозвола да влезат.
Така Вилјареал привремено остана со деветмина на теренот. Ниту по истекот на минутата замените не можеа веднаш да се реализираат, бидејќи требаше да се почека прекин на играта. Во меѓувреме, Наполи се обиде да го искористи бројчаното преимущество и двапати се закани во близина на домашниот шеснаесетник, но не успеа да постигне гол.
По натпреварот, Жерар Морено призна дека не бил свесен за предупредувањето од судијата.
„Не го видов судијата, ниту го слушнав свирежот. Ова е ситуација од која мораме да извлечеме поука, вклучително и јас. Неколку минути можат да бидат пресудни, па следниот пат ќе обрнеме поголемо внимание“, изјави напаѓачот за „Мовистар плус“.
Правилото е воведено со цел да се спречи намерното одолговлекување при замените. Иако во овој случај немаше црвен картон, последицата беше Вилјареал привремено да игра со двајца фудбалери помалку.
Наполи не ја искористи неочекуваната предност, а Вилјареал на крајот го доби натпреварот со 3:1. Сепак, необичниот момент со замените остана една од најзабележителните ситуации на средбата.

