HomeСПОРТКАЗНА ЗА ГАЛАТАСАРАЈ ПОРАДИ ГРБОТ НА ФЕНЕРБАХЧЕ

КАЗНА ЗА ГАЛАТАСАРАЈ ПОРАДИ ГРБОТ НА ФЕНЕРБАХЧЕ

Галатасарај ќе мора да плати 280.000 турски лири, односно околу 5.000 евра, поради необичен инцидент за време на големото дерби против Фенербахче. Дисциплинската комисија на Турската фудбалска федерација го казни клубот затоа што на семафорот на стадионот бил прикажан грбот на гостинскиот тим со три ѕвезди, кој не е официјално регистриран во федерацијата.

Одлуката беше објавена четири дена по дуелот од деветтото коло, кој се одигра на 26 октомври на стадионот „РАМС парк“. Галатасарај славеше со 2:1, благодарение на двата гола на Виктор Осимен во првото полувреме. За Фенербахче стрелаше Ирфан Џан Кахвеџи во 62. минута.

Сепак, резултатот остана во сенка на случувањата по последниот судиски свиреж, кога меѓу фудбалерите на двата тима избувна физичка пресметка.

Спорот околу трите ѕвезди има подолга историја во турскиот фудбал. Тамошните правила дозволуваат клубовите да ставаат по една ѕвезда за секои пет освоени шампионски титули. Фенербахче смета дека има 28 титули, бидејќи во својата статистика ги вклучува и првенствата пред формирањето на сегашната лига во 1959 година.

Меѓутоа, турската федерација признава 19 шампионски титули на клубот, што според официјалните правила одговара на три ѕвезди. Во август 2021 година, Фенербахче побарал од федерацијата да не се користи неговиот грб со ѕвезди во официјалниот регистар. Оттогаш таму е евидентиран грб без нив.

Токму затоа прикажувањето на верзијата со три ѕвезди на семафорот на Галатасарај предизвикало реакција и завршило со дисциплинска казна.

Уште поголем хаос настанал по натпреварот. Прво дошло до расправија меѓу Роланд Салаи од Галатасарај и Керем Актуркоглу од Фенербахче, а потоа во конфликтот се вклучиле и други играчи.

Најсериозниот судир бил меѓу Арчи Браун и капитенот на Галатасарај, Абдулкерим Бардакџи. Двајцата завршиле на тревникот, по што морала да интервенира и полицијата за да се смири ситуацијата.

Судијата Атилa Караоглан им покажал црвени картони на Браун и Бардакџи, додека Салаи и Актуркоглу добиле жолти картони. По инцидентот, двајцата фудбалери изнесоа различни верзии за тоа кој го започнал физичкиот конфликт.

Дисциплинската комисија потоа изрече и дополнителни санкции. Браун доби суспензија од три натпревари и парична казна од 100.000 лири, додека Бардакџи беше казнет со два натпревари неиграње и 67.000 лири.

Вкупната финансиска казна за Галатасарај изнесува околу 2,12 милиони турски лири, односно приближно 38.000 евра. Освен спорниот приказ на грбот на Фенербахче, клубот е санкциониран и поради навредливо навивање, пропусти при организацијата на излегувањето на терен и инциденти поврзани со навивачите и членовите на клубот.

Ниту Фенербахче не помина без последици. Клубот доби вкупна казна од околу 1,28 милиони лири, или приближно 23.000 евра. На дел од навивачите на двата ривали им се блокирани сезонските и поединечните билети за следните натпревари.

Така, дербито кое заврши со победа на Галатасарај продолжи со дисциплински казни, суспензии и нова жестока расправија меѓу двата најголеми турски ривали.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО