Кина остро се спротивстави на санкциите што администрацијата на Доналд Трамп ги воведе против пет кинески компании поврзани со поранешен инженер на „Гугл“, обвинет за кражба на деловни тајни поврзани со вештачката интелигенција. Пекинг смета дека американскиот потег ги загрозува легитимните интереси на кинеските компании и најави дека ќе преземе соодветни мерки.
Кинеското Министерство за трговија оцени дека постапката на Вашингтон е неприфатлива и побара американските власти да ја преиспитаат одлуката. Од Пекинг засега не откриваат какви конкретни контрамерки би можеле да следуваат.
Санкциите беа воведени од американскиот Стејт департмент против пет кинески субјекти поврзани со Линвеи Динг, основач на шангајската компанија „Жисуан Технолоџи“. Според американските власти, Динг се повикувал на своето претходно искуство во „Гугл“ и тврдел дека неговата компанија може да ја реплицира технологијата на американскиот технолошки гигант наменета за инфраструктура за суперинтелигенција.
Меѓу санкционираните субјекти е и стартап-програмата „МираклПлас“, за која американските власти наведуваат дека обезбедила почетен капитал за „Жисуан Технолоџи“ во замена за сопственички удел. Останатите три компании, исто така опфатени со мерките, се поврзани со оваа програма.
Американскиот Стејт департмент тврди дека „Жисуан“ свесно учествувала во кражба на значајни деловни тајни од американски субјекти или имала корист од таквата постапка, која, според Вашингтон, се случила на или по 5 јануари 2023 година.
Случајот против Динг започна во 2024 година, кога беше обвинет за кражба на доверливи информации за технологијата на „Гугл“ поврзана со вештачката интелигенција, додека тајно соработувал со две компании со седиште во Кина. Во јануари, порота во федералниот суд во Сан Франциско го прогласи за виновен по повеќе точки од обвинението за економска шпионажа и кражба на деловни тајни.
Судијата подоцна ги отфрли обвиненијата за економска шпионажа, а Динг беше осуден на 12 месеци затвор. Американското Министерство за правда поднесе жалба на одлуката за отфрлање на овие обвиненија.
Кинеските власти ги отфрлија обвинувањата дека развојот на вештачката интелигенција во земјата се темели на незаконско преземање туѓа технологија. Од Министерството за трговија порачаа дека кинеските достигнувања се резултат на долгорочни вложувања во научни истражувања, иновации и самостоен технолошки развој, како и на меѓународна соработка.
Спорот дополнително ги заострува технолошките тензии меѓу двете најголеми светски економии, особено во областа на вештачката интелигенција, каде што пристапот до напредни технологии и заштитата на интелектуалната сопственост се меѓу главните точки на судир.

