Едно лице го загуби животот, а уште едно е повредено во нов руски напад со беспилотни летала врз Киев, откако дрон директно удрил во станбена зграда висока 24 ката во Свјатошинскиот реон на украинската престолнина.
Според информациите од градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, и градската воена управа, леталото удрило во зградата на нивото на 19-тиот кат, по што следувале експлозија и пожар. На социјалните мрежи се прошири снимка од моментот на ударот, на која се гледа како дронот со голема брзина се забива во објектот.
По инцидентот, на местото веднаш биле испратени противпожарни екипи и медицински служби. Спасувачите ја потврдиле смртта на еден од станарите, додека на повреденото лице му била укажана медицинска помош.
Нападите врз Киев се одвивале во неколку бранови од претходната вечер до утринските часови, а штети биле регистрирани и на други локации во градот.
Во Десњанскиот реон, пад на дрон и негови остатоци предизвикале пожар на паркирани автомобили. Во Соломјанскиот реон, пак, бил зафатен објект од сообраќајната инфраструктура, каде што исто така избувнал пожар.
Во истиот дел од градот било пријавено и паѓање на дрон на отворен простор, но во тој случај немало повредени лица ниту била причинета материјална штета.
Нападот повторно ги стави во опасност жителите на украинската престолнина, каде што руските воздушни напади продолжуваат да предизвикуваат човечки жртви и оштетувања на цивилна и градска инфраструктура.

