Со доаѓањето на постудените денови, повторно се актуелизира прашањето како домот да остане топол, а сметките за греење да бидат што пониски. Едно од едноставните решенија што често се препорачува е поставување рефлектирачка фолија зад радијаторите. Но, дали овој мал додаток навистина може да помогне во намалувањето на загубите на топлина?
Ефектот зависи пред сè од местоположбата на радијаторот и од тоа колку добро е изолиран ѕидот зад него. Најголема корист може да има во домовите каде што радијаторите се поставени на надворешни ѕидови со слаба топлинска изолација.
Фолијата се поставува непосредно зад радијаторот и служи за да го одбива дел од топлинското зрачење назад кон просторијата. На тој начин се намалува количината топлина што ја апсорбира ѕидот и што може да се изгуби кон надворешноста.
Сепак, важно е да се знае дека фолијата не ја зголемува моќноста на радијаторот и не го прави потопол. Нејзината функција е да помогне во поефикасното искористување на веќе произведената топлина.
Поставувањето зад секој радијатор не е секогаш исплатливо. Ако радијаторот се наоѓа на ѕид меѓу две загреани простории, дополнителната корист најчесто е мала, бидејќи топлината останува во домот. Слично е и кај поновите згради и домовите со квалитетна фасадна изолација, каде што загубите преку надворешните ѕидови се значително помали.
За оваа намена се препорачуваат специјални рефлектирачки панели, кои може да се најдат во продавниците за градежни материјали и опрема за домаќинство. Иако на прв поглед изгледа слично, обичната алуминиумска фолија што се користи во кујната не е соодветна замена, бидејќи нема иста конструкција и изолациски својства.
Пред поставувањето, радијаторот треба да биде исклучен и целосно изладен. Панелот се приспособува на потребната големина и се монтира според упатствата на производителот, со соодветно лепило, самолеплива подлога или држачи.
Кога станува збор за заштедата, таа зависи од условите во домот. Според процените на холандската организација „Милиеу Сентраал“, поставување еден квадратен метар рефлектирачка фолија зад радијатор на неизолиран надворешен ѕид може да придонесе за годишна заштеда од околу седум до 11 кубни метри гас. Финансискиот ефект, сепак, се разликува во зависност од цената на енергенсот и начинот на греење.
Кај становите приклучени на централно греење, намалувањето на потрошувачката не мора автоматски да значи и пониска сметка. Тоа зависи од системот за пресметување на трошоците. Во објектите со делители или мерачи на потрошувачката е можна заштеда, но не мора да биде пропорционална со намалувањето на топлинските загуби.
Покрај поставувањето рефлектирачки панели, во намалувањето на трошоците може да помогнат и неколку едноставни навики. Радијаторите треба да бидат ослободени од голем мебел и долги завеси што го попречуваат ширењето на топлината. Кога е потребно, треба да се изврши и одвоздушување на радијаторите, бидејќи насобраниот воздух може да ја наруши циркулацијата на водата и рамномерното загревање.
Рефлектирачката фолија може да биде евтино дополнување за поефикасно греење, особено во постари и послабо изолирани домови. Сепак, не треба да се очекува драматично намалување на сметките, бидејќи вистинскиот ефект зависи од изолацијата, типот на греење и условите во самото живеалиште.

