HomeСПОРТМБАПЕ СТИГНА ДО 100 ГОЛА ЗА РЕАЛ МАДРИД

МБАПЕ СТИГНА ДО 100 ГОЛА ЗА РЕАЛ МАДРИД

Килијан Мбапе продолжува да испишува историја во дресот на Реал Мадрид. Францускиот напаѓач со два гола му донесе победа на својот тим од 2:1 против Барселона во големото шпанско дерби „Ел Класико“, а притоа стигна и до јубилејниот 100. погодок за мадридскиот клуб. За ова достигнување му беа потребни само 116 официјални натпревари.

Мбапе го отвори резултатот во 41. минута, кога топката по неуспешното расчистување на Жерар Мартин се одби од него и заврши во мрежата. Барселона успеа да израмни со погодокот на Рафиња, но францускиот голгетер повторно се најде во центарот на вниманието во 87. минута. По асистенцијата на Едуардо Камавинга, Мбапе ја затресе мрежата за конечни 2:1 и големо славје на гостите на „Камп Ноу“.

Со оваа бројка, напаѓачот се вброи меѓу најбрзите фудбалери во историјата на Реал Мадрид кои стигнале до 100 погодоци. Пред него се само четворица играчи: Ференц Пушкаш, на кого му биле потребни 101 натпревар, Кристијано Роналдо со 105, како и Пахињо и Алфредо Ди Стефано, кои ја достигнале границата по 114 одиграни средби.

Податоците ги објави статистичарот Педро Мартин, а тие дополнително го потврдуваат извонредниот голгетерски ритам на францускиот репрезентативец од неговото пристигнување во Мадрид.

Од досегашните 100 гола, Мбапе постигнал 67 во шпанската Ла Лига, 25 во Лигата на шампионите, четири во Купот на кралот, два на Светското клупско првенство и по еден во двата Суперкупа.

Во првата сезона во Реал постигна 44 погодоци, во втората додаде уште 42, а во актуелната сезона веќе има 14. Во меѓувреме, освои и две признанија „Пичичи“ за најдобар стрелец во шпанското првенство, како и една „Златна копачка“ за најдобар голгетер во европските лиги.

И покрај личниот јубилеј, Мбапе по натпреварот не сакаше да ги стави сопствените достигнувања пред успехот на тимот. Во изјава за клупската телевизија на Реал, тој порача дека заслугата за триумфот им припаѓа на сите фудбалери.

„Херој на денешниот натпревар е целиот тим. Знаевме дека мораме да одиграме цврсто и како колектив“, изјави Французинот.

Тој додаде дека екипата добро се подготвувала за дербито и дека на теренот влегла со вистински пристап, иако во текот на натпреварот имало и тешки моменти. Според него, Реал во одредени периоди успеал целосно да ја контролира играта.

Мбапе испрати и порака дека победата над најголемиот ривал нема да има вистинска вредност доколку тимот не продолжи со добри резултати во следните натпревари.

„Пет последователни победи не ни значат ништо ако не продолжиме. Сакаме да победуваме на секој натпревар“, порача напаѓачот.

Реал Мадрид во следното коло го очекува гостување кај Расинг Сантандер, а главната цел останува борбата за титулата во шпанското првенство. За Мбапе, стотиот гол е значајно достигнување, но, како што самиот нагласи, најважно е тимот да продолжи да победува.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО