Тензиите на Блискиот Исток дополнително ескалираа денеска, откако неколку комерцијални танкери беа нападнати во близина на Ормутскиот Теснец – еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и течен природен гас.
Според британските поморски власти и повеќе меѓународни медиуми, најмалку три пловни објекти биле погодени, а катарскиот танкер за течен природен гас „Ал Рекајат“ се запалил по удар од проектил. Екипажот бил успешно евакуиран и засега нема информации за жртви.
Катар ја обвини Исламската Република Иран за нападот, оценувајќи дека станува збор за сериозна закана за безбедноста на меѓународната пловидба и глобалното снабдување со енергенси. Од американска страна, официјални претставници исто така ја посочија одговорноста на Иран, додека Техеран засега не презеде официјална одговорност за нападите.
Во исто време, конфликтот се проширува и надвор од Ормутскиот Теснец. Иран повторно изврши напади врз цели во Бахреин, земја во која се наоѓа базата на Петтата флота на американската морнарица. Бахреин ги осуди нападите, оценувајќи ги како закана за регионалната стабилност и безбедност, додека земјите од Персискиот Залив повикаа на итна деескалација на состојбата.
Новите инциденти предизвикаа раст на цените на нафтата и дополнителна загриженост кај меѓународните превозници, бидејќи преку Ормутскиот Теснец поминува значителен дел од светскиот извоз на енергенси. Аналитичарите предупредуваат дека секое натамошно влошување на безбедносната состојба може сериозно да влијае врз глобалните пазари и меѓународната трговија.

