HomeМКДНА 1 НОЕМВРИ 1973 ГОДИНА ТРГНАЛ ПРВИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН ВОЗ ВО МАКЕДОНИЈА

НА 1 НОЕМВРИ 1973 ГОДИНА ТРГНАЛ ПРВИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН ВОЗ ВО МАКЕДОНИЈА

Пред точно 53 години, на 1 ноември 1973 година, од железничката станица во Трубарево тргнал првиот електричен воз во Македонија. Настанот бил значаен чекор во модернизацијата на железничкиот сообраќај, а се случил во годината кога се одбележувале сто години од пристигнувањето на првиот воз во Скопје.

Железничката историја на овие простори започнала во 1873 година, кога била изградена првата пруга, а на 9 август истата година во Скопје пристигнал воз од Солун. Железницата набргу станала една од најважните транспортни врски, овозможувајќи поврзување со соседните земји, а подоцна и со пошироката европска мрежа.

По повод стогодишнината, на 3 ноември 1973 година во Музејот на град Скопје била отворена посебна изложба посветена на развојот на железницата. Музејот се наоѓа во старата железничка станица, чиј часовник и денес останува запрен на 5 часот и 17 минути – времето кога разорниот земјотрес во 1963 година го погодил Скопје.

Во годините што следувале по првото пристигнување на возот, железничката мрежа постепено се проширувала. Во 1874 година Скопје добило врска со Косовска Митровица, а во 1888 година била воспоставена поврзаност со железничките правци кон Средна и Западна Европа. Подоцна биле изградени и делниците Велес–Кочани, Прилеп–Битола и Велес–Прилеп, додека во 1952 година била пуштена во употреба пругата Скопје–Гостивар.

Електрификацијата во седумдесеттите години требало да означи нова етапа во развојот на железничкиот транспорт. Но, денешната состојба покажува дека од некогашните амбиции за широка и ефикасна мрежа останале многу неискористени можности.

По повеќе децении, Скопје повторно доби градска железничка линија. Од 1 септември 2026 година сообраќа возот на релацијата Зелениково–Скопје, со запирања во Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче. Патувањето трае приближно 20 до 25 минути, билетот во еден правец чини 40 денари, а месечната карта 1.040 денари.

Ова е прва фаза од најавениот проект за градски железнички превоз. Во план се и линии кон Ѓорче Петров, преку Бутел и Скопје-Север, како и кон Илинден, преку Автокоманда и Маџари. За да функционира системот со поголем капацитет и редовност, потребни се и дополнителни возила. Според проценките на професорот Кракутовски, за трите линии би биле потребни најмалку десет соодветни композиции.

И покрај новата линија, состојбата со железничкиот сообраќај во земјата останува проблематична. Дел од возовите на домашните релации се укинати, меѓу нив и по два поаѓања на одредени линии кон Велес и Битола, додека редовни меѓународни патнички врски кон Грција, Србија и Косово нема.

Така, на 53-годишнината од првиот електричен воз, Македонија има нов обид за враќање на железницата во секојдневниот живот, но сè уште нема функционална мрежа што ќе ги поврзува градовите и државата со соседството. Градскиот воз може да биде почеток на промената, но вистинското обновување ќе бара вложувања, повеќе возови и повторно воспоставување на врските што некогаш биле дел од железничката карта на Македонија.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО