HomeСПОРТОТКРИЕНИ И ДРУФИФА ЌЕ МУ ПЛАТИ ЧЕТИРИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ДАНОЦИ НА ИНФАНТИНО

ОТКРИЕНИ И ДРУФИФА ЌЕ МУ ПЛАТИ ЧЕТИРИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ДАНОЦИ НА ИНФАНТИНО

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, добил посебна финансиска привилегија според која организацијата ќе ги покрива неговите даночни обврски кон американската држава. Станува збор за сума што до завршувањето на неговиот ангажман во САД би можела да достигне околу четири милиони долари, односно 3,5 милиони евра, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на интерни документи и извори запознаени со случајот.

Инфантино, чија годишна плата изнесува околу шест милиони долари или 5,3 милиони евра, се пресели од Швајцарија во Мајами во 2023 година. Во мај 2024 година, тричлениот комитет на ФИФА задолжен за утврдување на примањата на највисоките функционери одобрил предлог со кој му се гарантира надоместување на дополнителните даночни трошоци предизвикани од преселбата во САД.

Одлуката била донесена на состанок во Бангкок, на иницијатива на швајцарскиот сметководител Бруно Кјоменто, кој истовремено раководи со комитетот и со одделот на ФИФА за управување, усогласеност и ревизија.

Особено внимание привлекува фактот што, според документите до кои дошол американскиот весник, оваа даночна привилегија не била објавена во официјалните извештаи на организацијата. Тоа се случува и покрај реформите за поголема транспарентност што ФИФА ги воведе по големиот корупциски скандал во 2015 година.

Од светската фудбалска централа ги отфрлиле сомнежите за неправилности, тврдејќи дека сите постапки биле во согласност со интерните правила и законските обврски, како и дека исплатите на највисоките функционери подлежат на независна ревизија.

Истражувањето на „Њујорк тајмс“ открива и поширок круг привилегии за Инфантино и луѓето од неговото најблиско опкружување. Меѓу нив е и ангажирањето на приватната безбедносна компанија GRIZ Global Solutions, која треба да се грижи за безбедноста на претседателот на ФИФА и неговата сопруга за време на Светското првенство во 2026 година.

За секој ангажиран телохранител е предвиден дневен надомест од 1.300 долари, без во таа сума да бидат вклучени трошоците за изнајмување возила и ангажирање возачи. Дополнително, одредени соработници и членови на семејството добивале привилегиран пристап до натпревари и специјални чартер-летови на ФИФА.

Весникот наведува дека измените на статутот и правилниците за надоместоци на највисоките функционери, усвоени пред Светското првенство, дополнително ги прошириле овластувањата и привилегиите на претседателот. Со новите правила биле ублажени ограничувањата за подароци, ВИП-покани и користење приватни авиони, а биле проширени и можностите за финансирање на неговото сместување.

ФИФА веќе издвојува околу 600.000 долари годишно за изнајмување куќа во Мајами. Претходно, организацијата му обезбедувала стан во Швајцарија, како и сместување во Париз.

Посебни погодности добивал и Бруно Кјоменто, кој учествувал во одлучувањето за овие привилегии. За време на Светското првенство и тој имал ВИП-пристап до натпреварите и можност да патува со чартер-летовите на ФИФА. Неговиот годишен надоместок, според пишувањето на американскиот весник, бил променет од 250.000 американски долари во 250.000 швајцарски франци, што поради разликата во курсот претставува зголемување од околу 50.000 долари.

Инфантино и во изминатите години беше предмет на критики поради блиските односи со американскиот претседател Доналд Трамп, деловните потези на ФИФА и неговите заложби Саудиска Арабија да биде домаќин на Светското првенство.

Дополнителни реакции предизвикаа и информациите за тајни разговори за продажба на дел од телевизиските и комерцијалните права за Светското првенство на компанија поврзана со братот на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател.

Откритијата повторно ја отворија дебатата за транспарентноста во раководењето со светскиот фудбал и начинот на кој се користат средствата на ФИФА. Според најавите наведени во извештајот, во март организацијата треба да одржи избори за претседател.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО