HomeГЛОБУСТРАМП ЗАСТАНА ВО ОДБРАНА НА МОСКВА

ТРАМП ЗАСТАНА ВО ОДБРАНА НА МОСКВА

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции со остра порака против украинскиот лидер Володимир Зеленски, истовремено оправдувајќи ја одлуката засега да не го потпише новиот пакет санкции против Русија. Трамп тврди дека не сака да ги загрози преговорите со Москва и уверува дека се постигнува напредок кон завршување на војната.

Во објавата на својата социјална мрежа Truth Social, американскиот претседател порача дека воведувањето нови санкции во овој момент би можело да ја оддалечи Русија од преговарачката маса. Според него, документот може да биде потпишан подоцна, кога ќе процени дека е вистинскиот момент.

Трамп се осврна и на руските испораки на дизел-гориво, тврдејќи дека Москва и покрај војната продолжува да продава големи количества гориво по ниски цени на светскиот пазар. Истовремено, го обвини Киев дека со нападите врз руските рафинерии придонесува за нарушување на пазарот и создава проблеми за американските земјоделци, сточарите и компаниите.

Во нападот врз Зеленски, Трамп отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека украинскиот претседател не е заинтересиран за завршување на конфликтот. Тој оцени дека Украина претрпела огромни територијални загуби, а нејзиното население и војска плаќаат висока цена. Во својата објава Трамп спомена и дека украинските „океани и мориња исчезнале“, иако Украина нема излез на океан.

Најновиот настап доаѓа во период на промени во американската политика кон Москва и Киев. Трамп се залага за договор со рускиот претседател Владимир Путин, тврдејќи дека соработката со Русија може да помогне во намалувањето на цените на горивата. Критичарите, пак, предупредуваат дека олеснувањето на ограничувањата врз руската нафтена индустрија може да ѝ донесе дополнителни приходи на Москва и да ја зајакне нејзината воена економија.

Од Киев во меѓувреме пристигнуваат сè позагрижувачки пораки за иднината на американската поддршка. Зеленски во интервју за американската телевизија NBC предупреди дека Украина би се соочила со исклучително тешка ситуација доколку Вашингтон застане на страната на Русија. Тој оцени дека повлекувањето на американската помош би било историска грешка и трагедија.

Украинскиот претседател претходно изрази загриженост и поради ограничувањата во пристапот до клучни воени и разузнавачки ресурси, вклучително и информации за балистички ракети и комуникациската мрежа Starlink. Од американската администрација, пак, беа отфрлени обвинувањата дека намерно биле преземени чекори за попречување на украинските операции.

Пораката на Трамп дополнително ги продлабочува сомнежите во Киев околу тоа дали американската администрација ќе продолжи со досегашното ниво на поддршка. Додека Вашингтон тврди дека преговорите се патот до крај на војната, Украина стравува дека евентуалното приближување кон Москва може да ја остави во послаба позиција во конфликтот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО