HomeМКДЕкономијаЦЕНИ ИЛИ КАЗНИ

ЦЕНИ ИЛИ КАЗНИ

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе инсистира на доследна примена на Законот за нефер трговски практики и ги повика компаниите активно да пријавуваат евентуални злоупотреби во синџирите на снабдување.

Според него, постојат механизми преку кои дел од трошоците се префрлаат преку трети компании, преку наплата на таканаречени „ројалити“ надоместоци, што, како што оцени, претставува нефер однесување на пазарот.

Во таа насока, Владата подготвува нов пакет законски измени со кои се предвидуваат значително повисоки санкции за прекршителите. Казните би можеле да бидат и до десет пати повисоки од сегашните, а ќе се засилат и инспекциските контроли, со цел подобро регулирање на односите меѓу трговските синџири и добавувачите.

Лани, Комисијата за заштита на конкуренцијата изрече казни од по 50.000 евра за четири големи синџири маркети поради картелско здружување. Со новите законски решенија, максималните глоби ќе бидат значително повисоки.

Осврнувајќи се на инфлацијата, Мицкоски посочи дека таа во земјава е меѓу најниските во регионот и се движи меѓу 4,5 и 4,7 проценти. Според него, најголем придонес за растот на цените имаат транспортните услуги, каде поскапувањето надминува 10 проценти, како и алкохолните пијалаци, цигарите и тутунските производи.

За овие категории производи, премиерот порача дека нема да има олеснувања, туку напротив, можно е воведување и построги мерки.

„Во делот на алкохолот и тутунот потребни се дури и поригорозни мерки, со цел заштита на здравјето на граѓаните“, изјави Мицкоски.

Во изминатиот период Владата спроведуваше антикризни мерки за ублажување на ценовниот шок, меѓу кои намалување на акцизите и други интервенции поврзани со цените на горивата.

Сепак, дел од економските експерти предупредуваа дека намалувањето на ДДВ и акцизите не е доволно за да се запре растот на цените и предлагаа замрзнување на цените на одредени производи. Владата, пак, избегнуваше повторно воведување на ограничувањето на трговските маржи, мерка што беше во сила до почетокот на 2025 година.

„Подобро е да се плати политичка цена на краток рок, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок“, изјави Мицкоски во август минатата година, оценувајќи дека ограничувањето на маржите не претставува трајно решение, бидејќи ценовните притисоци подоцна повторно се враќаат.

И покрај тоа, незадоволството кај граѓаните поради високите цени на основните прехранбени производи расте, а јавноста бара поефикасни мерки за намалување на трошоците за живот. Владата најавува дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на засилени инспекциски контроли, поголема транспарентност во формирањето на цените, споредбени анализи на цените и дополнителни законски интервенции, со цел ограничување на инфлаторните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО