Речиси на секоја жена барем еднаш ѝ се случило да влезе во јавен тоалет и дури по мокрењето да сфати дека нема тоалетна хартија. Без разлика дали станува збор за фестивал, кафуле или луксузен хотел, ситуацијата е подеднакво непријатна. Некои жени се обидуваат да се истресат, други чекаат капките да се исушат, а трети ги користат и последните остатоци од хартијата на картонската ролна.
Иако на прв поглед изгледа дека не е страшно ако еднаш не се избришете по мокрењето, влажната долна облека може да предизвика непријатност и иритација, особено ако ваквите ситуации често се повторуваат.
Што се случува ако не се избришете по мокрењето?
Кејтлин Дин, поранешна медицинска сестра која се занимава со прашања поврзани со женското здравје, за „Метро“ објаснила зошто не е добро по мокрењето едноставно да ја облечете долната облека без претходно да се избришете.
„Урината содржи релативно малку бактерии и сама по себе не е особено проблематична. Проблемот настанува кога повторно ќе ја облечете долната облека. Ако таа остане влажна, влагата се задржува во пределот на препоните“, објаснила таа.
„Кога долната облека е влажна и топла, се создаваат услови во кои бактериите можат да се размножуваат“, додала Дин.
Црвенило, чешање и печење
Кожата во интимната област е особено чувствителна, а доколку подолго време е изложена на влага, може да се појават црвенило, чешање, печење и иритација. Проблемот може да биде поизразен кај жените кои носат тесна долна облека или облека од синтетички материјали, бидејќи влагата подолго се задржува на кожата.
Топлата и влажна средина исто така може да го поттикне размножувањето на габичките, особено во кожните набори. Доколку кожата често останува влажна, може да стане почувствителна и посклона кон иритации, а кај некои жени може да се појават и габични инфекции.
Инфекциите на уринарниот тракт настануваат кога бактериите, најчесто оние што природно живеат во цревата, ќе навлезат во мочниот канал и ќе почнат да се размножуваат. Затоа е важна правилната интимна хигиена. По мокрењето се препорачува нежно бришење од напред кон назад, со цел да се намали можноста за пренесување бактерии.
Што да направите ако во тоалетот нема хартија?
Дин, која често кампува и престојува во природа, вели дека и самата имала непријатни искуства.
„Кога поминував една недела во природа и редовно не се бришев по мокрењето, речиси секогаш добивав габична инфекција“, раскажала таа.
Таа додала дека природниот вагинален секрет има важна улога во одржувањето на здравјето на вагината, додека урината нема иста функција.
Доколку се најдете во тоалет без тоалетна хартија, нема причина за паника. Едно вакво искуство кај повеќето здрави жени нема да предизвика здравствени проблеми.
Ако имате пристап до чиста вода, надворешниот интимен дел може нежно да се исплакне, а потоа, доколку е можно, да се исуши со чиста крпа или хартиена салфетка. Важно е да се избегнува грубо триење на кожата, како и употреба на парфимирани влажни марамчиња или агресивни средства што можат дополнително да предизвикаат иритација.
Доколку долната облека остане влажна, најдобро е да ја смените штом ви се укаже можност. При вообичаеното бришење по мокрењето се препорачува движење од напред кон назад, за да се намали можноста цревните бактерии да се пренесат кон мочниот канал.
Ако се појават долготрајно чешање, невообичаен секрет, непријатен мирис или печење, важно е да се утврди причината за тегобите. Печењето при мокрење, честото мокрење и болката во долниот дел на стомакот може да укажуваат на инфекција на уринарниот тракт, поради што треба да се побара лекарска помош.
Недостигот од тоалетна хартија не е само непријатност
Дин смета дека треба повеќе да се истражува како недостигот од основни хигиенски производи влијае врз здравјето на жените, особено на оние кои немаат пристап до соодветни санитарни услови.
„Постојат податоци кои укажуваат на почести инфекции на уринарниот тракт кај бездомните жени кои немаат пристап до тоалетна хартија, жените во војската кои престојуваат на терен, како и кај жените погодени од природни катастрофи, кога хигиенските производи тешко се достапни“, изјавила таа.
Сепак, овие податоци не докажуваат дека токму недостигот од тоалетна хартија е причина за инфекциите. Во такви околности врз здравјето можат да влијаат и отежнатиот пристап до чиста вода, санитарни јазли и здравствена заштита.
Дин смета дека тоалетната хартија треба да им биде достапна на сите и предупредува дека многу луѓе не можат да си ги дозволат ниту основните хигиенски производи.
Проблем со кој жените се соочуваат секојдневно
Недостигот од тоалетна хартија не се случува само за време на кампување или во вонредни околности. Жените се соочуваат со овој проблем во јавни тоалети, училишта, возови и на многу други места.
„За многу жени ова е секојдневен проблем. За време на мокрењето, капките урина можат да завршат на нозете или да се слеваат по кожата, во зависност од положбата на телото и начинот на мокрење“, објаснила Дин.
Таа се присетила и на непријатна случка за време на патување со воз.
„Патував на состанок и, откако испив неколку шолји чај, морав да одам во тоалет. Таму немаше тоалетна хартија, а носев здолниште и хулахопки. Беше навистина непријатно. Ваквите ситуации можат сериозно да ви ја нарушат самодовербата“, раскажала таа.

