Одземањето на банкарската лиценца во Србија отвори прашања за тоа дали последиците ќе се одразат и врз работењето на „Алта банка“ во Битола. Од Народната банка појаснуваат дека двете институции се одделни правни субјекти и дека одлуката на српските регулатори не предизвикува автоматско одземање на дозволата на македонската банка.
Домашната банка е регистрирана во Северна Македонија и работи според македонските закони, под надзор на Народната банка. Оттаму посочуваат дека внимателно ги следат сите околности што можат да влијаат врз нејзината финансиска состојба, вклучително и ризиците поврзани со сопственичката структура.
Од Централната банка нагласуваат дека постапуваат во рамките на своите законски овластувања и соработуваат со надлежните институции во земјава и во странство. Притоа, се почитуваат правилата за доверливост на податоците од супервизорските постапки.
Народната банка потсетува дека стекнувањето квалификувано учество во банка подлежи на детална постапка, во која се проверуваат исполнувањето на законските услови и сите релевантни критериуми.
Воедно, апелира граѓаните да се информираат од официјални извори и да не носат заклучоци врз основа на непроверени информации. Од институцијата уверуваат дека состојбата ќе продолжи да се следи со цел да се зачуваат стабилноста на банкарскиот систем и сигурноста на депозитите.
Одлуката за одземање на дозволата на „Алта банка“ во Белград била донесена откако надлежните српски институции утврдиле значително влошување на нејзината финансиска состојба. Претходно преземените надзорни мерки не дале резултат во стабилизирањето на работењето и подобрувањето на ликвидноста, а се зголемил и ризикот банката да не може редовно да ги исполнува обврските кон клиентите.
По случувањата во Србија, се огласи и „Алта банка“ од Битола. Од менаџментот соопштија дека банката е ликвидна и дека продолжува со редовно и непречено работење, нагласувајќи дека нејзиниот статус и работење се под надзор на македонската централна банка.
Сепак, во фокусот се и финансиските резултати на домашната банка. Во првите девет месеци од годинава таа прикажала нето-загуба од 48,64 милиони денари, додека во истиот период лани остварила добивка од 49,15 милиони денари.
Остварениот резултат е послаб и од планираниот за 36,27 проценти, односно за 12,95 милиони денари.
Од банката објаснуваат дека врз финансиското работење влијаеле развојните активности, зголемените вложувања во вработени и деловна инфраструктура, како и внимателниот пристап при одобрувањето кредити. Како дел од стратегијата ги наведуваат подобрувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управувањето со нефункционалните кредити.
„Алта банка“ од Белград пред околу една година ја презеде поранешната „Стопанска банка“ од Битола, која потоа продолжи да работи под новото име.

