НБА-лигата донесе вечер исполнета со рекорди, големи индивидуални настапи и изненадувачки резултати. Никола Јокиќ стигна до својот 200-ти трипл-дабл во кариерата, Стефен Кари блесна со 44 поени за Голден стејт, а тинејџерската ѕвезда Купер Флег го предводеше Далас до убедлива победа над актуелниот шампион Оклахома сити.
Денвер нагетс славеа против Њу Орлеанс пеликанс со 104:91, а Јокиќ повторно покажа зошто е меѓу најдоминантните кошаркари во лигата. Српскиот центар натпреварот го заврши со 21 поен, 13 скока и 10 асистенции, остварувајќи го својот 200-ти трипл-дабл во НБА-кариерата. Пред него на вечната листа е само Расел Вестбрук со 209 вакви учиноци.
Денвер имаше предност од 22 поени во првото полувреме, но Њу Орлеанс успеа да се врати во натпреварот и во последната четвртина да се доближи на само пет поени негатива. Сепак, Нагетс ја задржаа контролата, а Џамал Мареј со 23 поени имаше значаен придонес за победата.
Во редовите на Њу Орлеанс настапи и македонската јавност добро познатиот хрватски кошаркар Карло Матковиќ. За 17 минути на паркетот постигна пет поени, имаше три скока и една асистенција.
Стефен Кари имаше една од најдобрите партии во досегашниот дел од сезоната, постигнувајќи 44 поени во победата на Голден стејт вориорс над Минесота тимбервулвс со 119:114. Ѕвездата на Вориорс додаде осум скока и шест асистенции, погоди шест тројки и ги реализираше сите 16 слободни фрлања.
Голден стејт во еден момент водеше со 24 поени разлика, но Минесота се врати во игра и се закани во завршницата. Кари со сигурни слободни фрлања ја потврди победата на својот тим.
Големо изненадување приреди Далас маверикс, кој го совлада Оклахома сити тандер со убедливи 120:96 и му го нанесе првиот пораз во сезоната. Во центарот на вниманието беше 19-годишниот Купер Флег, првиот пик на драфтот во 2025 година, кој заврши со 26 поени, осум асистенции и пет скока, без ниту една загубена топка.
Далас ја презеде контролата со серија од 11:0 на почетокот на третата четвртина. Оклахома имаше сериозни проблеми со шутот за три поени, погодувајќи само пет од 32 обиди. Аџеј Мичел постигна 29 поени за Тандер, а Шеј Гилџес-Александер додаде 21.
Виктор Вембањама повторно блесна за Сан Антонио спарс, постигнувајќи 36 поени, 14 скока и пет асистенции во победата од 117:111 над Јута џез по продолжение. Хјустон рокетс, пак, продолжија со совршениот старт и ја запишаа петтата победа во пет натпревари, откако го декласираа Милвоки бакс со 132:100.
Возбудливо беше и во Њујорк, каде што Никс надополнија негатива од 19 поени против Чикаго булс и славеа со 133:127. Џејлен Брансон беше најзаслужен за пресвртот со 38 поени и седум асистенции.
Од хрватските кошаркари, Марио Хезоња настапи за Кливленд кавалирс во победата од 121:111 над Вашингтон визардс. За 17 минути постигна пет поени, три скока и две асистенции. Ивица Зубац повторно отсуствуваше од составот на Филаделфија 76ерс поради повреда на левиот скочен зглоб. Филаделфија сепак славеше против Индијана пејсерс со 114:109, благодарение на пресвртот во последната четвртина.
Вечерта ја одбележа и победата на Лос Анџелес лејкерс во градското дерби против Клиперс со 103:87. Лејкерс настапија без Лука Дончиќ, а Квентин Грајмс беше најефикасен во победничкиот тим со 23 поени.

