Никола Јокиќ одигра уште еден извонреден натпревар во НБА-лигата и го предводеше Денвер нагетс до победа од 141:135 над Њу Орлеанс пеликанс по продолжение. Денвер успеа да се врати од негатива од дури 23 поени, а српскиот центар беше меѓу најзаслужните за големиот пресврт со нов трипл-дабл учинок.
Јокиќ го заврши натпреварот со 35 поени, 15 скокови и 10 асистенции, а забележа и две украдени топки и три блокади. На паркетот помина 43 минути, погоди 12 од 23 шута од игра, вклучувајќи три тројки од десет обиди, и беше прецизен во сите осум слободни фрлања.
За српскиот кошаркар ова беше прв трипл-дабл во новата сезона и вкупно 199-ти во регуларниот дел од НБА-лигата. Со тоа дополнително се приближи до рекордот на Расел Вестбрук, кој има 209 вакви учиноци.
Њу Орлеанс подобро го отвори дуелот и веќе во првата четвртина создаде двоцифрена предност. Во вториот период водеше со 53:30, а на паузата замина со убедливи 73:57. Пеликанс ја задржаа контролата и во третата четвртина, па во последните 12 минути влегоа со предност од 108:89.
Сепак, Денвер не се предаде и во завршната четвртина одигра одлично. Нагетс ја добија последната четвртина со 37:18 и успеаја да го израмнат резултатот на 126:126, со што изборија дополнителни пет минути. Во продолжението Јокиќ постигна осум поени, а домашниот тим го доврши пресвртот за конечни 141:135.
Најефикасен играч на Денвер беше Џамал Мареј, кој натпреварот го заврши со 42 поени, шест асистенции и осум погодени тројки од 16 обиди. Внимание привлече и дебитантот Тревон Бразил со 17 поени и девет скокови. Тој постигна седум поени во продолжението, вклучувајќи важна тројка со која Денвер поведе со 133:129.
Јокиќ сега има уште десет трипл-дабл учиноци за да се израмни со Вестбрук, додека со 11 би го презел самостојното прво место на вечната листа во НБА-лигата.
Кај Њу Орлеанс најдобар стрелец беше Треј Марфи Трети со 26 поени, додека Дежонте Мареј додаде 22. Зион Вилијамсон и Дерик Квин постигнаа по 17 поени. Хрватскиот репрезентативец Карло Матковиќ доби седум минути на паркетот и постигна три поени, погодувајќи го единствениот шут што го упати, тројка.
За Њу Орлеанс ова беше трет пораз во исто толку натпревари на почетокот на новата сезона, додека Денвер со спектакуларниот пресврт покажа дека може да се враќа и од голема негатива.

