Австралија и Индија договорија дополнително зајакнување на воената и безбедносната соработка, само неколку дена по кинеското тестирање на балистичка ракета способна да носи нуклеарна боева глава. Потегот се оценува како дел од пошироките напори за зачувување на стабилноста и безбедноста во Индо-Пацификот.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе и индискиот премиер Нарендра Моди постигнаа договор двете земји да ја интензивираат соработката во областа на одбраната, размената на информации и координацијата околу безбедносните предизвици во регионот.
Во заедничката изјава се наведува дека Канбера и Њу Делхи ќе воспостават редовни консултации за сите одбранбени прашања што можат да влијаат врз нивните заеднички интереси во Индо-Пацификот. Ваквиот механизам Австралија веќе го има воспоставено и со Јапонија.
Според дипломатски извори, продлабочувањето на соработката има цел да ја зајакне улогата на безбедносниот сојуз КВАД (Quad), во кој членуваат Австралија, Индија, Јапонија и САД. Намерата е партнерството да добие поконкретна безбедносна и стратешка улога во услови на зголемени регионални тензии.
Новите договори доаѓаат по неодамнешното кинеско тестирање на интерконтинентална балистичка ракета над Пацификот, што предизвика загриженост кај повеќе држави во регионот. Западни аналитичари предупредуваат дека забрзаната модернизација на кинеските вооружени сили и развојот на ракетните капацитети дополнително ги менуваат безбедносните односи во Индо-Пацификот.
Австралија и Индија повторија дека се залагаат за слободен, отворен и стабилен Индо-Пацифик, заснован на почитување на меѓународното право, слободата на пловидба и мирното решавање на споровите.

