HomeМКДАЛАРМАНТНА СОСТОЈБА СО ПОЖАРИТЕ,ЧАДОТ СЕ ЧУВСТВУВА И ВО СКОПЈЕ

АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА СО ПОЖАРИТЕ,ЧАДОТ СЕ ЧУВСТВУВА И ВО СКОПЈЕ

Состојбата со пожарите на отворен простор во Македонија и натаму е алармантна. Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 41 пожар, а и денес пожарникарите и екипите на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен на повеќе локации.

Пожарот во Лакавичкиот регион, меѓу селата Пухче и Селце во општина Штип, е ставен под контрола, но останува активен крак во правец на Селце. Штипските пожарникари продолжуваат со интервенциите за целосно локализирање на огнот. Во текот на ноќта пламените јазици се приближиле до викенд-куќите, но објектите биле спасени и нема повредени лица.

Особено загрижувачка е состојбата во северниот дел на земјата. Во текот на ноќта пожар од косовска страна навлегол на македонска територија и се движи во атарот на селото Грачани. Огнената линија е долга повеќе од пет километри. На терен се скопски пожарникари, заедно со тимови на ДЗС, кои работат на воспоставување контрола и спречување на ширењето кон околните населени места. Засега нема непосредна опасност за селата, но чадот и мирисот од пожарот се чувствуваат и во делови од Скопје.

Нови огнени точки се регистрирани и на територијата на Општина Студеничани, во реонот на Количани и Цветово. Поради непристапниот терен, на одредени места гаснењето е отежнато.

Активен и тежок пожар има и во реонот меѓу Струга и Дебар, во атарите на Луково и Буринец. Поради опасноста огнот да се приближи до населените места, во акцијата е вклучен и армиски хеликоптер, додека на терен дејствуваат пожарникари и припадници на „Национални шуми“.

Пожарот на Пелистер е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадење и повторно појавување на жаришта. Екипите остануваат на терен за да спречат повторно разгорување.

Надлежните повторно апелираат до граѓаните на максимална внимателност, бидејќи високите температури, сувата вегетација и ветерот создаваат услови пожарите брзо да се шират.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО