Камерунскиот голман Андре Онана (30), кој настапува за турскиот Трабзонспор како позајмен играч на Манчестер јунајтед, доживеал сообраќајна несреќа во четвртокот вечерта во северниот дел на Турција. Во автомобилот се наоѓале и членови на неговото семејство, но, според информациите објавени во медиумите, сите поминале без повреди.
Несреќата се случила во областа Јомра, во близина на Трабзон, додека голманот со семејството се враќал дома по натпреварот од Конференциската лига. Трабзонспор претходно вечерта го совладал шкотски Хартс со 2:0, а Онана успеал да ја зачува својата мрежа недопрена.
Според информациите на турскиот портал „61Saat“, во судирот учествувале три возила. Автомобил удрил во возилото на Онана одзади, по што од силината на ударот неговиот автомобил се придвижил напред и удрил во возило што се наоѓало пред него.
По несреќата, претставници на Трабзонспор пристигнале на местото за да се уверат дека голманот и неговото семејство се во добра состојба. Според британскиот медиум „talkSPORT“, Онана бил пренесен во болница на лекарски прегледи, по што бил пуштен.
Претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган, потврдил дека голманот е добро и дека нема здравствени проблеми по инцидентот. Фотографиите објавени во медиумите покажуваат оштетувања на автомобилот, особено на предниот дел.
Иако судирот предизвикал загриженост поради присуството на неговото семејство во возилото, најважната информација е дека никој не бил повреден.
Онана е еден од познатите камерунски голмани во европскиот фудбал. Тој се афирмираше во Ајакс, со кој освои три шампионски титули во Холандија и стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите во 2019 година. Подоцна настапуваше за Интер, со кој играше во финалето на Лигата на шампионите во 2023 година против Манчестер сити.
Манчестер јунајтед го ангажираше во летото истата година, а во 2024 година Онана го освои ФА-купот со англискиот клуб. Во септември 2025 година замина на позајмица во Трабзонспор, каде што продолжи со кариерата.
Камерунскиот голман е и долгогодишен репрезентативец на својата земја, со која настапи на Светското првенство во Катар во 2022 година. По сообраќајната несреќа, вниманието сега е насочено кон неговата здравствена состојба и продолжувањето на клупските обврски.

