Валенсија направи големи промени во спортскиот сектор по катастрофалниот старт на новата сезона. Клубот ги отпушти тренерот Карлос Корберан и фудбалскиот директор Рон Гурлеј, а со нив си заминаа и дел од членовите на стручниот штаб и спортската структура.
Шпанскиот гигант по пет одиграни кола е последен во Ла Лига со само еден бод. Валенсија има четири порази и едно реми, а последниот неуспех го претрпе во петокот против Севилја, која славеше со 1:0.
Одлуката за отказот на Корберан доаѓа само неколку месеци откако клубот му го продолжи договорот до 2028 година. Тој пристигна во Валенсија во декември 2024 година и успеа да го стабилизира тимот и да го задржи во елитата. Минатата сезона ја заврши на деветтото место.
Корберан досега ја предводеше Валенсија на 72 натпревари, со 28 победи, 18 нерешени средби и 26 порази. И покрај тоа што во септември добиваше јавна поддршка од управата, само десетина дена подоцна остана без работа.
Привремено тимот ќе го води Оскар Санчез, досегашниот тренер на вториот тим на Валенсија. Тој е дел од клубот подолго време и работел и во младинската академија. Неговиот прв предизвик ќе биде натпреварот против Алавес.
Кризата на теренот дополнително го зголеми незадоволството кај навивачите. Во последниот период тие организираа повеќе протести и отворено бараат промени во клубот и заминување на сопственикот Питер Лим.
Незадоволството е насочено и кон неговиот син Киат Лим, кој има функција во клубот. Дел од навивачите дури се обидоа да стигнат до свечената ложа за време на натпреварот со Барселона, кој Валенсија го загуби со убедливи 5:0.
Питер Лим го презеде клубот во 2014 година за околу 100 милиони евра, ветувајќи дека Валенсија повторно ќе биде редовен учесник во Лигата на шампионите. Наместо тоа, клубот во изминатите години се соочува со сериозен пад и постојана борба за опстанок.
Последниот голем трофеј Валенсија го освои во 2019 година, кога во финалето на Купот на кралот ја совлада Барселона. Оттогаш резултатите значително се влошија, а клубот во голема мера се потпира на продажба на играчи, што дополнително го зголеми гневот кај навивачите.

