Вознемиреност меѓу туристите и жителите на романското крајбрежје предизвика пронаоѓањето на дел од дрон на плажа во летувалиштето Олимп. Предметот бил исфрлен на брегот од морето, по што надлежните веднаш го обезбедиле просторот поради сомнение дека може да претставува опасност.
Екипите на терен поставиле безбедносен периметар и го ограничиле движењето на туристите во областа. Специјализирани служби го презеле пронајдениот дел за детална проверка.
По извршената анализа било утврдено дека во делот од дронот има експлозивна материја. Поради тоа, надлежните одлучиле направата да биде уништена со контролирана детонација, откако претходно биле преземени безбедносни мерки.
На луѓето во близина им било испратено предупредување преку системот RO-Alert, со препорака да се оддалечат од местото и да не се приближуваат до обезбедениот простор.
Инцидентот во Олимп се случува во период на зголемена безбедносна внимателност долж романскиот брег на Црното Море. Во последните денови на повеќе локации биле пронајдени делови од беспилотни летала, во време кога во соседна Украина продолжува воениот конфликт со Русија.
Романските власти денеска издале и дополнително предупредување за можност од пад на дронови во северниот и источниот дел на округот Тулча. Во рамки на мерките за следење на ситуацијата, романското воено воздухопловство активирало хеликоптер за надзор на воздушниот простор.
Според информациите од надлежните, пронаоѓањето на делови од дронови долж крајбрежјето не е изолиран случај. Слични инциденти во изминатиот период биле регистрирани на различни точки од романското приморје, поради што службите продолжуваат со засилено следење и проверки на сомнителни предмети исфрлени од морето.

