Наместо ограничениот број од 200 ученици, во повторно отвореното Средно полициско училиште ќе бидат запишани сите 310 кандидати кои ги исполниле условите и успешно ја поминале селекцијата. Одлуката е донесена откако биле направени дополнителни анализи и биле обезбедени средства за проширениот прием.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека интересот за оваа образовна програма бил значително поголем од првично очекуваниот. На конкурсот се пријавиле повеќе од 600 кандидати, а по спроведените проверки останале околу 310 млади кои ги исполниле предвидените критериуми.
При селекцијата биле земени предвид образованието и успехот, поведението, физичката подготвеност и здравствената состојба на кандидатите. Според Тошковски, откако било утврдено дека постојат услови за прием на сите кои ги исполнуваат критериумите, Владата дала согласност за зголемување на бројот на ученици.
Средното полициско училиште повторно ќе започне со работа од 1 септември, по пауза од 26 години. Учениците ќе го продолжат образованието во трета и четврта година, откако претходно завршиле две години во некое од четиригодишните средни училишта во земјава.
Наставата ќе опфаќа стручни полициски предмети, но и општообразовни содржини. Учениците ќе престојуваат во интернат во рамки на Центарот за обука на МВР во Идризово, каде што ќе имаат услови за образование и практична подготовка.
Особено значајно за кандидатите е што по успешно завршување на училиштето се предвидува нивно вклучување во системот на Министерството за внатрешни работи, согласно договорите што ќе ги склучат со институцијата.
Од МВР очекуваат новата генерација да претставува значајно засилување на полицискиот кадар во иднина, а големиот број пријавени кандидати се оценува како показател за интересот на младите за професија поврзана со безбедноста и јавната служба.

