HomeСПОРТДОНЧИЌ ЈА РЕШЕТА ПРОТИВНИЧКАТА КОШНИЦА

ДОНЧИЌ ЈА РЕШЕТА ПРОТИВНИЧКАТА КОШНИЦА

Лука Дончиќ игра во фантастична форма на почетокот на новата НБА-сезона, а неговите настапи во дресот на Лос Анџелес Лејкерс повторно потврдуваат зошто важи за еден од најдобрите кошаркари во светот.

Словенечкиот ас во првите пет натпревари од актуелниот серијал постигнувал најмалку 37 поени, а дури четири пати ја надминал границата од 40 поени. Со ваквата ефикасност убедливо се наметна како еден од главните кандидати за најдобар стрелец во лигата.

Дончиќ блескаше против Торонто Репторс, каде што натпреварот го заврши со 45 поени и 15 скокови. Само еден ден подоцна, против Мајами Хит, повторно одигра извонреден натпревар со 42 поени, 13 асистенции и седум скокови.

Во последните пет средби постигнал дури 34 тројки, со вкупна успешност на шутот од 53,1 процент. Освен што погодува и од тешки позиции, Дончиќ сè повеќе придонесува и во организацијата на играта, скокот и одбраната. Против Торонто забележал и пет украдени топки.

Неговиот серијал започна со неверојатните 52 поени против Јута. Потоа следуваа настапи со 41 и 37 поени, иако Лејкерс ги загубија тие два натпревари, пред Словенецот повторно да блесне против Торонто и Мајами.

Екипата од Лос Анџелес ја започна сезоната со шест победи и два пораза, и покрај големите промени во составот и пристигнувањето на девет нови кошаркари во текот на летото. Дончиќ постепено ја презема главната улога во тимот, околу кој се гради офанзивната игра на Лејкерс.

Тренерот Џеј Џеј Редик има само пофални зборови за својот најголем адут, споредувајќи го неговото влијание со нешто што изгледа речиси нереално.

„Чувството е како да гледате супернова, но во исто време веќе ни стана нормално. Како да живееме во вселенски брод и да патуваме со брзина на светлината секогаш кога тој е на теренот. Кога ќе го тргне шутот, противниците мора да избираат помало зло, бидејќи може да погоди од секоја позиција. Кога ќе почнат да го удвојуваат, тогаш сите останати имаат корист. Тој е извонреден организатор на нашиот напад“, изјави Редик.

Противничките тимови сè почесто испраќаат двајца, па дури и тројца играчи за да го запрат Дончиќ, понекогаш далеку од линијата за три поени. Но, Словенецот успешно ја користи таквата одбрана, пронаоѓајќи слободни соиграчи и создавајќи простор за нивни лесни поени.

Лејкерс веќе ги чувствуваат придобивките од неговата игра. На последните два натпревари постигнале вкупно 269 поени и реализирале 37 од 80 обиди за три поени. Против Мајами забележале дури 39 асистенции, што е најдобар учинок на тимот откако Редик ја презеде тренерската функција во 2024 година.

Со ваквата форма на Дончиќ, Лејкерс добиваат сериозна причина за оптимизам, а нивните противници сè потешко наоѓаат начин да го запрат словенечкиот кошаркар.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО