Трагичен инцидент го прекина рејв настанот во швајцарскиот град Арау, каде што ноќеска дошло до пукање во кое животот го загубила 22-годишна девојка, додека пет лица се повредени.
На забавата, според првичните информации, присуствувале околу 3.500 луѓе. Во моментот на инцидентот настанот бил во тек, по што на местото пристигнале голем број полициски екипи и итни служби.
Повредените, четворица мажи и една жена на возраст од 24 до 27 години, биле пренесени во болница. Полицијата соопштила дека нивните повреди се различни по тежина, од полесни до сериозни.
Сторителот или сторителите засега не се идентификувани. Полицијата започнала голема потрага, во која учествува и хеликоптер, додека специјални полициски единици биле распоредени низ поширокото подрачје.
Еден од присутните на настанот изјавил дека во текот на ноќта видел лице кое носело автоматска пушка. Полицијата, сепак, засега не потврдува колку лица учествувале во нападот.
Мотивот за пукањето исто така останува непознат. Истрагата треба да утврди што му претходело на инцидентот, какво оружје било употребено и каде се наоѓаат сторителите.
Полицијата ги повика граѓаните да не се приближуваат до областа додека трае потрагата и увидот.
На трагичниот настан реагирал и диџејот Текибо, кој настапувал на забавата. Тој преку социјалните мрежи изразил сочувство и навел дека во инцидентот го загубил близок пријател.
Случајот предизвика голема вознемиреност во Арау, а швајцарските власти најавија дека повеќе информации ќе бидат објавени откако истрагата ќе напредува.
Полицијата и натаму трага по осомничените, додека истражителите ги утврдуваат сите детали за трагичниот настан.

