Предложените нови имиња на улици во Тетово предизвикаа остри реакции од тетовскиот Сојуз на борците. Од таму велат дека на списокот има личности чие историско дејствување, според нив, е спорно и не соодветствува со законските критериуми.
Меѓу предложените имиња е и Фадил Сулејмани, поврзан со формирањето на нелегалниот Тетовски универзитет. Сојузот на борците тврди дека неговите јавни ставови кон македонската нација и држава се причина поради која не треба да биде именувана улица по него.
Од организацијата посочуваат дека дел од другите предлози се однесуваат на албански националисти, верски службеници и личности за кои сметаат дека немаат значајна поврзаност со историјата и развојот на Тетово.
Тие оценуваат дека именувањето улица по личност која, според нив, ја негирала македонската држава и народ би било спротивно на законските одредби и би можело да ги наруши меѓуетничките односи.
Прашањето за преименувањето на улиците во Тетово веќе беше предмет и на постапка пред Уставниот суд, а Општинскиот совет во меѓувреме формираше нова комисија која треба да ги разгледа предлозите.

