HomeМКДИСТРАГА ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО ШТИП

ИСТРАГА ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО ШТИП

Полицијата и надлежните институции ги утврдуваат околностите под кои рано утринава беше оштетен станбен објект на улицата „Димо Хаџи Димов“ во Штип, откако градежна машина удрила во дел од куќата додека во неа престојувале две лица.

Еден од жителите, Џенгис Сефери, тврди дека тој и неговиот брат спиеле кога слушнале силен удар. Според неговите зборови, багерот неколкупати удрил во ѕидот на куќата, при што биле оштетени делови од објектот. Тој наведува дека по настанот се појавила загриженост за безбедноста на куќата, бидејќи смета дека е нарушена нејзината конструкција.

Сефери вели дека очекува институциите да утврдат по чија наредба била извршена интервенцијата и зошто претходно не биле известени лицата што престојуваат во објектот.

Од Општина Штип информираа дека веднаш испратиле инспекциски екипи на местото на настанот. По извршената проверка и увидот во катастарската документација, од локалната самоуправа соопштија дека за објектот не е евидентиран сопственик, а лицето кое тврди дека е сопственик не доставило валидни документи со кои би го потврдило тоа право.

Во врска со тоа дали градежната машина припаѓа на некое јавно претпријатие, засега нема официјална потврда. Надлежните велат дека сите факти ќе бидат утврдени во текот на истрагата.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека случајот е пријавен и дека полициски службеници преземаат активности за идентификување на одговорните лица и за целосно расчистување на настанот. По завршувањето на постапката се очекуваат повеќе информации за причините и евентуалната одговорност.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО