Трагичен настан се случи синоќа во Охрид, откако едно лице почина по полициска интервенција на булеварот „Туристичка“, додека полицијата работи на целосно расчистување на случајот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, околу 22:30 часот полициски службеници се обиделе да запрат патнички автомобил „Ренџ Ровер“ со странски регистарски таблички. Наместо да застане, возачот го игнорирал полицискиот знак и се обидел да избега, по што, по кратко време, бил запрен од полициските екипи.
При контролата на возилото, полицајците забележале дека еден од сопатниците, 44-годишен охриѓанец, проголтал пакување за кое постои сомнение дека содржело наркотична материја. Набргу потоа неговата здравствена состојба нагло се влошила.
На местото веднаш била повикана екипа на Итната медицинска помош, која го пренела лицето во Општата болница во Охрид. И покрај напорите на лекарите, пациентот починал.
Во меѓувреме, 32-годишниот возач од Охрид е лишен од слобода, а по налог на надлежен јавен обвинител ќе биде извршена обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.
Од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат сите неопходни истражни дејствија за целосно утврдување на околностите под кои се случил настанот, по што ќе бидат донесени соодветни законски одлуки.

