Зимата се наближува, а со неа и вечната дилема на македонските домаќинства – како да се загреат без сметките да им го испразнат буџетот. Разликата меѓу различните начини на греење е огромна, а за стан од 65 квадрати може да изнесува и повеќе илјади денари месечно.
Според актуелните пресметки, најевтино поминуваат домаќинствата со скопско парно, каде што просечниот месечен трошок е околу 2.500 денари.
Следни се дрвата, за кои за една грејна сезона може да бидат потребни околу осум просторни метри. При цена од околу 4.500 денари за метар, тоа е околу 36.000 денари за сезона, односно просечно 7.200 денари месечно.
Инвертер-климите можат да бидат добра алтернатива, особено во добро изолиран стан. Трошокот за греење може да биде околу 4.000 до 7.000 денари месечно, но при лоша изолација и многу студено време сметката за струја може значително да порасне.
Најголем удар врз домашниот буџет имаат пелетите. За стан од 65 квадрати може да бидат потребни околу четири тони за сезона. Со сегашните цени, само за пелети може да се потрошат околу 88.000 до 91.000 денари, или приближно 17.500 до 18.000 денари месечно кога трошокот се распредели на пет месеци.
Сепак, конечната сметка зависи од изолацијата, катот, прозорците, температурата на која се грее и навиките на домаќинството.
Заклучокот е јасен – парното моментално е најисплатливо, дрвата се втора опција, инвертерот може да биде економичен во добро изолиран дом, додека пелетите се убедливо најскапата варијанта.

