Дури 626 жалби биле поднесени минатата година до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Најголемиот дел од нив се однесувале на случаи кога институциите не одговориле на барањата на граѓаните и другите баратели на информации.
Според годишниот извештај на Агенцијата за 2025 година, 438 жалби, односно речиси 70 проценти од вкупниот број, биле поднесени поради непостапување на институциите по доставените барања за пристап до информации.
Извештајот денеска е на дневен ред пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Од Агенцијата оценуваат дека таканаречениот „молк на управата“ останува сериозна пречка за остварување на правото на граѓаните да добиваат информации од јавен карактер, и покрај досегашните активности за подобрување на состојбата.
Како една од причините се наведува недоволната информираност и разбирање на значењето на ова право кај дел од раководните структури и административните службеници во институциите на централно и локално ниво.
Агенцијата најавува засилен ангажман со службениците и раководствата во институциите, со цел да се промени пристапот кон барањата за информации и постепено да се намалуваат случаите во кои институциите не одговараат во предвидените рокови.

