HomeСПОРТНБА ПОДГОТВУВА НОВА ЛИГА ВО ЕВРОПА

НБА ПОДГОТВУВА НОВА ЛИГА ВО ЕВРОПА

Европската клупска кошарка се наоѓа пред можеби најголемата промена во последните децении. Веќе во понеделник во Италија ќе се одржи важен состанок на сопствениците на клубовите од Евролигата, на кој една од главните теми ќе биде понудата за соработка со НБА и проектот за ново европско натпреварување.

НБА, во партнерство со ФИБА, планира од октомври 2027 година да ја стартува NBA Europe, лига која би имала 16 екипи. Според досегашните информации, од 10 до 12 клубови би имале долгорочен статус, додека преостанатите места би се обезбедувале преку квалификации.

Американската лига веќе подолг период разговара со европски кошаркарски клубови, големи фудбалски брендови и потенцијални инвеститори. Во досегашните контакти се споменуваат проекти поврзани со Реал Мадрид, Милан и Пари Сен Жермен, а интерес постои за пазари како Мадрид, Барселона, Милано, Рим, Париз, Лондон, Берлин, Минхен, Атина, Истанбул, Манчестер и Лион.

Еден од клучните аргументи на новиот проект е поинаква организација на календарот. Идејата е европските клупски натпревари подобро да се усогласат со домашните првенства и термините за репрезентациите, со што би се избегнале дел од проблемите со распоредот кои со години го оптоваруваат европскиот кошаркарски календар.

Од друга страна, ниту Евролигата не седи со скрстени раце. Нејзиниот план предвидува проширување од сегашните 20 на 24 екипи, а постојните долгорочни лиценци би можеле да бидат трансформирани во франшизи. Дополнително, се разгледува можност за доделување до осум нови долгорочни места.

За тие позиции, според информациите од европските кошаркарски кругови, пристигнале 14 понуди, чија вкупна вредност надминува 800 милиони евра само од франшизните надоместоци.

Токму затоа Евролигата има можност да продолжи самостојно доколку преговорите со НБА не завршат со договор. Извршниот директор Чус Буено неодамна порача дека организацијата е подготвена и за сценарио во кое двете страни би продолжиле со сопствени проекти.

НБА, пак, нема намера да се откаже од својот план. Американскиот модел предвидува индивидуален избор на франшизите, а за одредени места се споменуваат огромни суми од околу 500 милиони до една милијарда долари. Повеќе од 20 кошаркарски и фудбалски клубови досега покажале интерес за приклучување кон новиот проект.

Во моментов се разгледуваат два можни исходи. Едниот е НБА и Евролигата да постигнат договор и да создадат заеднички модел за иднината на европската кошарка. Другиот е од 2027 година Европа да добие две големи и директно конкурентни натпреварувања, кои би се бореле за клубови, играчи, телевизиски права, спонзори и навивачи.

Одлуките што ќе се носат во следниот период би можеле значително да го променат начинот на кој изгледа европската кошарка во годините што доаѓаат.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО