Златан Ибрахимовиќ денес го прославува својот 45. роденден, а честитка која привлече особено внимание пристигна од неговиот поранешен соиграч и голем пријател Тиери Анри.
Легендарниот француски напаѓач објави заедничка фотографија со Ибрахимовиќ и му упати кратка, но емотивна порака – „Среќен роденден, брате“. Честитката ја дополнувал со песната „I Am From Bosnia Take Me To America“ од „Dubioza Kolektiv“.
Ибрахимовиќ зад себе има една од најбогатите кариери во модерниот фудбал. Настапуваше за голем број европски клубови, меѓу кои Ајакс, Интер, Барселона, Милан и ПСЖ, а дел од кариерата го помина и во американската МЛС-лига, каде што го носеше дресот на ЛА Галакси.
Во Калифорнија остави сериозна трага, постигнувајќи 53 гола и запишувајќи 15 асистенции на 58 натпревари.
Ибрахимовиќ и Анри имаат заедничко минато и од периодот во Барселона, каде што беа соиграчи. Нивното познанство продолжи и по завршувањето на клупските кариери, а во последниот период повторно работеа заедно како дел од телевизискиот тим наменет за анализи на Светското првенство.
Анри во повеќе наврати со големи пофалби зборуваше за Ибрахимовиќ и го вбројуваше меѓу најдобрите напаѓачи во историјата, особено истакнувајќи ја неговата посветеност и работните навики.
Честитката дополнително доби лична димензија поради потеклото на Ибрахимовиќ. Неговите родители имаат корени од Босна и Херцеговина, па Анри во пораката употреби и поздрав на јазикот што го поврзува со семејното потекло на шведската фудбалска легенда.

