Состојбата со западнонилската треска во земјава продолжува да предизвикува загриженост, откако е регистриран уште еден смртен исход поврзан со инфекцијата. Со најновиот случај, бројот на починати пациенти достигна пет.
Последниот смртен случај е 73-годишен маж од скопската населба Ново Лисиче, кој бил примен во многу тешка здравствена состојба. Пациентот повеќе од три недели се лекувал на Клиниката за инфективни болести, при што бил сместен на интензивна нега и имал потреба од респираторна поддршка.
Од Клиниката информираат дека пациентот имал и сериозни придружни заболувања, што дополнително ја отежнувало неговата состојба.
Во моментов на Клиниката се лекуваат 21 пациент. Кај 18 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена и тие имаат невроинвазивна форма на заболувањето, додека за тројца пациенти сè уште постои сомневање дека се заразени.
Медицинските тимови бележат нови приеми речиси секојдневно, а дел од пациентите се во сериозна здравствена состојба. Четворица од хоспитализираните во моментов се лекуваат на одделението за интензивна нега.
Поголемиот дел од пациентите со потешка клиничка слика се лица во понапредна возраст, но меѓу хоспитализираните има и помлад пациент, кој има 25 години.
Според досегашните податоци, 19 лица кои претходно биле хоспитализирани поради инфекцијата се опоравиле и биле пуштени на домашно лекување.
Здравствените установи продолжуваат со следење на состојбата, особено поради појавата на нови случаи и фактот дека инфекцијата кај одредени пациенти може да предизвика сериозни невролошки компликации.

