Препознавањето и пријавувањето неправилности во училиштата и на факултетите е целта на новите едукативни и дигитални алатки наменети за учениците, наставниците и родителите. Преку прирачник со практични совети и надградената мобилна апликација „Глас против корупција“, граѓаните ќе добијат насоки како да реагираат при сомневања за корупција и како да ги пријават случаите до надлежните институции.
Алатките беа претставени на националниот форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, организиран во Скопје. Активностите се дел од проект што се реализира втора година по ред и опфаќа млади од осум региони во земјава.
Бојана Мијовиќ Христовска од невладината организација „Аналитика“ посочи дека прирачникот е изработен за да им помогне на учениците, наставниците и родителите полесно да ги препознаваат неправилностите и да знаат како да постапат кога ќе се соочат со нив.
Во проектот се вклучени млади од Струга, Делчево, Ресен, Демир Капија, Крива Паланка, Струмица, Гостивар и Скопје. Материјалите содржат насоки за спречување и пријавување неправилности, како и за одговорно и транспарентно однесување во образовната средина.
Според Мијовиќ Христовска, важно е младите да ги познаваат своите права и обврски, но и да научат како да реагираат во различни ситуации, без разлика дали станува збор за односите меѓу соучениците или комуникацијата со наставниот кадар.
Покрај прирачникот, надградена е и апликацијата „Глас против корупција“, која треба да им овозможи на корисниците полесно да пријавуваат сомневања за корупција и други неправилности. Организаторите посочуваат дека дигиталните решенија се особено важни за младите, бидејќи им овозможуваат поедноставно да се вклучат во прашања од јавен интерес.
Податоците од минатогодишното истражување покажале дека 51 процент од анкетираните наставници и ученици би биле подготвени да пријават неправилност доколку имаат на располагање безбеден механизам за тоа. Поради ова, проектот не се ограничува само на технологија, туку вклучува и едукација за препознавање корупција и запознавање со начините за нејзино пријавување.
Министерката за образование Весна Јаневска ја поздрави иницијативата на „Аналитика“, која се спроведува со поддршка од германската влада и германската амбасада во земјава. Таа оцени дека ваквите активности имаат значење за зајакнување на интегритетот кај младите и за подигнување на свеста за корупцијата во образованието.
Јаневска потсети дека во минатото биле откриени случаи на корупција во високото образование за кои следувале законски последици. Воедно, таа рече дека и покрај тоа што во јавноста се изнесуваат сомневања за вакви појави, во моментов нема конкретни пријави врз основа на кои институциите би можеле да преземат соодветни мерки.
Министерката нагласи дека надлежните ќе постапуваат согласно законските прописи кога ќе добијат пријави. Таа додаде дека Државниот просветен инспекторат може да ги разгледува и анонимните пријави што се однесуваат на можни неправилности во работата на училиштата.
Со воведувањето на прирачникот и унапредувањето на мобилната апликација, целта е да се охрабрат учениците и наставниците да реагираат кога ќе забележат сомнителни појави и да се поттикне поголема одговорност и транспарентност во образовниот систем.

