Премиерот Христијан Мицкоски упати порака до жителите на Брвеница пред вториот круг од локалните избори за градоначалник, повикувајќи ги одлуката да ја донесат според интересите на своите семејства, а не врз основа на етничката припадност.
Мицкоски порача дека политичарите кои во предизборниот период се обидуваат да ги поделат граѓаните по етничка основа ќе си заминат од политичката сцена, додека жителите на општината ќе продолжат да живеат едни покрај други и по 1 ноември.
„Ќе дојдат политичари коишто ќе ги делат, по етничка припадност најчесто. Тоа се очајници коишто на овој начин се трудат она малку што остана од нивната политичка иднина да ја спасат“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Македонците и Албанците во Брвеница и понатаму ќе живеат заедно, поради што, како што рече, граѓаните треба да размислуваат за иднината на своите семејства и за развојот на општината.
„Не заборавајте дека тие ќе си заминат и нема очи да ги видите, а вие ќе останете да живеете и понатаму едни до други, Македонци и Албанци“, порача премиерот.
Мицкоски ги повика гласачите да не подлегнуваат на повиците за гласање според етничката припадност, туку да се водат од сопственото убедување и од понудените проекти.
„Немојте никогаш да гласате затоа што некој од политичарите ви вели: гласајте за овој затоа што е етнички припадник на таа заедница или на другата, туку гласајте онака како што ви вели разумот и срцето. Гласајте за оној којшто ќе ви донесе подобри времиња за вас и вашето семејство и повеќе проекти“, рече Мицкоски.
Изјавата доаѓа во пресрет на вториот круг од изборите во Брвеница, во кој гласачите треба да одлучат кој ќе ја води општината во следниот мандат.

