На судењето против поранешниот апелациски судија Ѓоко Ристов, одбраната презентираше дополнителни материјални докази, меѓу кои и правно мислење од универзитетскиот професор Гордан Калајџиев. Во документот се оспорува можноста Ристов да одговара за кривичното дело злоупотреба на службената положба, предвидено во членот 352 од Кривичниот законик.
Адвокатот на Ристов, Давидовиќ, објасни дека според правното толкување на Калајџиев, судиите не спаѓаат во категоријата службени лица опфатени со ова кривично дело. Според мислењето, одредбата се однесува на лица во јавни претпријатија и други правни субјекти што располагаат со државен капитал, но не и на судовите и обвинителствата.
На рочиштето биле презентирани и материјали поврзани со вештачењето на Емилио Фришчиќ, кое било разгледувано на претходното судење.
Сепак, на денешното рочиште не се појавиле двајцата вештаци предложени од одбраната. Атанас Козарев требало да даде објаснување за ДНК-трагите пронајдени на парите и фолиите, додека Антонио Ѓорѓиев требало да го презентира економското вештачење за потеклото на паричните средства на родителите на Ристов.
Отсуството на вештаците предизвика реакција од судијката Билјана Коцевска, која побара од одбраната за следното рочиште да обезбеди нивно присуство и навреме да го извести судот доколку некој од нив не може да дојде.
Таа посочи дека вештачењата треба да бидат подготвени и доставени до Обвинителството за да може обвинителството да се запознае со нивната содржина и да постави прашања при вкрстеното испрашување.
Откако ќе бидат сослушани предложените сведоци, исказ пред судот треба да даде и самиот Ристов. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.

