HomeМКДЗдравствоОКОЛУ 24.000 ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ СО ДЕМЕНЦИЈА

ОКОЛУ 24.000 ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ СО ДЕМЕНЦИЈА

Современите методи за лекување на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, како и можностите за нивна примена во македонското здравство, беа во фокусот на панел-дискусија одржана денеска на Медицинскиот факултет во Скопје.

На средбата, насловена „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски. Невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје ги разгледуваа можностите за примена на длабоката мозочна стимулација (DBS) кај пациентите со Паркинсонова болест, како и новите антиамилоидни лекови леканемаб и донанемаб за лекување на Алцхајмеровата болест во рана фаза.

Посебен акцент бил ставен на условите што треба да ги исполни здравствениот систем за овие терапии да можат безбедно и ефикасно да се применуваат во земјава.

Клековски нагласи дека новите третмани бараат внимателен избор на пациенти, соодветно обучени медицински тимови, современа дијагностика и континуирано следење. Според него, пред воведувањето на ваквите методи мора да се утврди како тие ќе бидат организирани и долгорочно одржливи во здравствениот систем.

Во Македонија се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а според проценките, нивниот број до 2050 година може да биде речиси трипати поголем. Со Паркинсонова болест живеат околу 8.000 граѓани, од кои најголемиот дел се згрижени во домашни услови, со поддршка од своите семејства.

Министерот порача дека очекува од стручната дискусија да произлезат конкретни препораки за потребните капацитети, приоритетите и временската рамка за евентуално воведување на новите терапии.

Тој воедно ја истакна важноста на двегодишната соработка меѓу клиниките во Љубљана и Скопје, која се спроведува преку програмата „Mentor–Mentee“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS), и им се заблагодари на гостите од Словенија за нивниот придонес.

На панелот учествуваа проф. д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на Обединетите нации за остварување на човековите права на постарите лица, проф. д-р Дејан Георгиев, асист. д-р Јован Божиновски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, и д-р Љуљзим Агани, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија. Дискусијата ја модерираше проф. д-р Габриела Новотни.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО